„Ќе ги повлечеме сите барања во наредните месеци“, со оваа изјава за Ројтерс, претседателот на компанијата Монсанто за Европа, Хосе Мануел Мадеро, го најави почетокот на повлекувањето од Европа на дел од производството на компанијата-лидер во продажба и создавање генетски модифицирана храна.
Тој најави дека се повлекуваат сите барања за развој на нови семиња во Унијата, поради, како што изјави, лошите комерцијалните можности за таков развој на стариот континент.
Од Монсанто тврдат дека одлуката се однесува на пет барања за одгледување на модифицирана пченка, едно барање за соја и едно барање за шеќерна репка. Сепак, нема да се повлече барањето за обнова на дозволата за одгледување на пченката „MON810“, единствена генетски модифицирана пченка која сега комерцијално се одгледува во Европа.
Со одлуката за повлекување на новите семиња од Европа, компанијата ќе се фокусира на садење класични семиња во Европа и на осигурувањето на дозволата за увоз на генетски модифицирани организми одгледувани во САД и Јужна Америка.
Европската комисија потврди дека компанијата ја информирала Комисијата за намерата да ги повлече барањата.
И покрај јавното противење за ГМО, Европа е еден од најголемите светски купувачи на вакви жита и годишно увезува преку 30 милиони тони генетски модифицирана сточна храна.