Oд кокошкино ѓубриво компанијата Везе Шари ќе произведува енергија. Во Требош, беше ставен камен темелникот на првата фабрика во земјава за производство на електрична енергија од органски отпадоци.
„ Инвестиравме 5 милиони евра, а покрај домашните ги користевме германските искуства кои ни ја дадоа формулата за алтернативно искористување на ресурсите за создавање на струја“, изјави сопственикот на компанијата Арбен Абдурахмани кој додаде дека за реализација на овој проект неговата компанија работела повеќе години.
Инвестицијата е вредна околу пет милиони евра. Термоелектроцентралата која како погонско гориво ќе користи биогас ќе има планирана моќност од 999 кил- вати и производство од 7.950.000 киловат часови годишно.
„Со оваа инвестиција Македонија претставува еден вид лидер во оваа област во регонот бидејќи производството на алтернативна енергија е поттикнато со потпишување на договори за изградба на 70 мали хидроцентрали, како и почетокот на изградбата на сончевата централа Мери, која чини околу 40 милиони евра“, изјави за време на поставувањето на темелите министерот за економија Ваљон Сарачини.
Според министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми инвестицијата на Везе шари за гасна електроцентрала се совпаѓа со планот и стратегијата на државата што предвидува дека 23 отсто од потребите за енергија треба да се обезбедат од обновливи изворо што истовремено ќе придонесе и во намалувањето на емисијата на јаглерод моноксид во атмосферата.
Новата гасна електроцентрала треба да биде готова до половината на следната година.
Фактор.мк