Прогнозите на данските астролози дека седми септември е најсреќниот датум за венчавка годинава, не го зголеми барањата за склучување брак во земјава како што е случај во Бугарија, пишува „Вест“.
Скандинавците тврдат дека на овој ден, во 10.35 часот позициите на планетите Марс и на Венера се особено пријатни за свадба.
Пред 15-ина дена, претставници на Градскиот совет на Копенхаген изјавија дека астролошките табели покажуваат оти луѓето што ќе се венчаат додека Венера и Марс се поредени, ќе бидат среќни засекогаш. Оттаму информираа дека астролог составил табела со која се покажува дека секој што ќе стапи во брак на 7 септември, кога Венера и Марс се поредени, ќе има вечна среќа.
“Двете планети ја претставуваат женската и машката енергија во животот и во бракот”, напиша во хороскопот градскиот астролог Карл Аге Јенсен.
Македонските астролози се поделени околу тврдењата на колегите од Данска.
“Марс тој ден се наоѓа на 7 степени Лав, а седмиот степен е степен на Вага. Вагата е 7. куќа во природниот хороскоп и владее со бракот. Венера, која е природен владетел на Вагата, е 25. степен, односно на степен на Овен. Овенот во природниот хороскоп е прва куќа и означува почетоци, а со него владее Марс. Марс и Венера ги симболизираат мажот и жената. Малку е комплицирано, но постои. Месечината во 10.35 часот е на 7 степени Вага, што би значело емотивна подготвеност за брак”, вели астрологот Георгиевска.
Според матичните служби, во Скопје и во другите поголеми градови на овој датум нема некоја поголема навалица за склучување бракови.
“Процентот и бројот на барањата е во рамките на просекот секоја година во септември, како идеален месец за склучување на бракови. Впрочем истата бројка е и во мај и во јуни, така што ништо не излегува од нормала”, вели Катерина Битровска од Управата за водење матични книги при Министерството за правда. \
За разлика од кај нас, во Бугарија тврдењата на данските астролози доведоа до блокирање на тамошните матични служби.Бугарските двојки бараат термин плус да можат да стапат во брак на овој ден.
Службите кажуваат дека бројката за 7 септември е дуплирана.