Најмалку 57 милиони евра ќе чини изградбата на подземната улица од Влада до Народна банка. Ако се суди по доставените понуди на градежните компании, минимум толку пари ќе треба да обезбедат градските власти за да го реализираат овој проект, пишува „Утрински весник“ .
Минатата недела Град Скопје ги отвори понудите пристигнати од заинтересираните фирми за изведба на подземниот коридор. Понуди доставиле четири конзорциуми, од кои еден е составен од македонски компании, а другите генерално се градежни фирми од странство. За најмалку пари коридорот би го изградил македонско-италијански конзорциум кој доставил понуда од 57 милиони евра. Една украинска компанија се понудила подземната улица да ја изгради за околу 61 милион евра, додека 76 милиони евра е понудата што ја доставил македонскиот конзорциум кој го сочинуваат „Бетон“, „Гранит“ и „Жикол“. Најскапа понуда на тендерот во висина од околу 92 милиона евра е од еден португалско-бугарски конзорциум.
„Стручната комисија сега ќе ги евалуира понудите, па потоа ќе следи електронска аукција на која ќе се избере најповолната понуда. Очекуваме висината на понудите да се намали, со оглед на тоа дека ќе има аукција, а досегашната пракса укажува дека од првично доставените, цените на аукција се намалуваат“, велат од Градот за „Утрински весник“.