Во списокот од триесет земји чии граѓани најмногу барале азил во Европската унија во првиот квартал од годинава, Македонија се најде на 22 место. Во тој период, биле разгледани 1.335 барања за азил што македонски граѓани ги поднесле во некоја земја од Европската унија, пишува „Радио Слободна Европа”
Земји од регионот кои се најдоа пред Македонија на овој список се Косово и Србија со по над 3.300 баратели за азил, Албанија со над 2.200 и Турција со 1.660 апликанти.
На врвот, како што се посочува во најновата анализа на Еуростат, одделот за статистика на Европската унија, е Русија.
Во првиот квартал од годинава, над 8.400 Руси, половина од нив под 18 години, аплицирале да добијат статус на бегалец во некоја земја од Европската унија. Тоа е за 4 илјади повеќе од лани. По Русите, со 8.400 барања следуваат Сиријците кои бегаат од граѓанската војна. Бројот на Сиријците кои сакаат да живеат во Европската унија се зголеми за 6 илјади во споредба со истиот период лани. Русите и Сиријците претставуваат скоро 20 проценти од сите баратели на азил во Европската унија.
На трето место се Авганистанците со 5.800 апликации, а на четврто Пакистанците со 4.300 барања за азил.
Интересен е податокот на Еуростат дека девет од десет одлуки во првата инстанца за Сиријците се позитивни, додека 9 од 10 одлуки кои се однесуваат на барања на српски државјани биле негативни.
Најмногу барања за азил, или скоро 25 отсто, има во Германија. Во првиот квартал од годинава во таа земја азил побарале над 21 илјада луѓе. Тоа е за над 6 илјади повеќе споредено со истиот лански период. На второ место е Франција со скоро 16 илјади баратели, по што следуваат Шведска со 9.720 и Британија со над 7.100 луѓе.
Голем пораст на баратели на азил бележат и другите земји на Европската унија. Така, бројот на апликантите за азил во Бугарија и Унгарија е за четири пати поголем од оној забележан во првиот квартал во минатата година.
Во првите три месеци од годинава, во земјите на Европската унија, азил побарале над 85 илјади луѓе, што е за 15 илјади повеќе во споредба со истиот период лани, се наведува во анализата на Еуростат