Жител на Тетово утринава додека полнел вода од градскиот водовод, во водата нашол паразит Коњско влакно.
Областа кај православните гробишта во Тетово е често без вода, па жителите што живеат во близина на тој начин се снабдуваат со вода за миење.
Велат дека во изминативе неколку недели ова е четврти пат да најдат црви во водата од чешма.
„Утрово станав околу четири часот да наполнам вода од чешмата, бидејќи вода попладне нема. Ги полнев бурињата за миење, за перење алишта, за децата да пијат и, ова е четврти пат како се случува, гледам живо влакно и ги извадив двете со ѓезве и ги ставив во шише. Децата, кога има вода, постојано доаѓаат и пијат вода од чешмата, така што може да им се случи нешто. Еднаш и кога жените ги миеја чиниите излезе вакво влакно што го зедов и го фрлив”, вели 62-годишниот Сабедин Јашари.
Коњското влакно е паразит што го има во води што не се хлорираат и обично се наоѓа онаму каде што има комарци и други инсекти.
Од Јавното комунално претпријатие во Тетово сѐ уште немаат објаснување околу тоа како овој паразит се нашол во водата од градскиот водовод.
Според информациите од тетовскиот Центар за јавно здравје, пак, коњското влакно не предизвикува болести кај луѓето, но не смее да го има во водата за пиење.
Mia