Македонската кошаркарска репрезентација со пораз од Црна Гора влегува во денешниот втор ден од Европското првенство (ЕП) во Словенија откако Техничката комисија (ТК) на натпреварувањето доцна во ноќта донела одлука да ја одбие жалбата на нашата селекција на непризнаетиот победнички кош на 1,6 секунди поред крајот на вчерашниот натпревар, јавува МКД.МК
„Според Регулациите на ФИБА-Европа, снимка не може да се прегледува за да се промени конечен резултат на еден натпревар. Со тоа, судиската одлука е валидна и натпреварот се регистрира со победа на Црна Гора од 81-80“, се вели во образложението на ФИБА-Европа.
Жалбата на Македонија се однесуваше на непрописното играње на еден црногорски кошаркар на мрежата во моментите кога Чековски упатуваше кон кошот една одбиена топка што според сите правила се регуларни два поени за нашата селекција. Но, ФИБА-Европа не сака да си ја признае грешката.