СМС-пораките и разговорите ќе поевтинат за најмалку 50 отсто – АЕК испраќа наложувања


До средината на месецот трите мобилни оператори во земјава ќе добијат од Агенцијата за електронски комуникации известувања за намалување на висината на големопродажните цени на СМС-пораките, а од идниот месец во сила ќе бидат и новите намалени цени за интерконекција меѓу операторите. Ова се очекува да донесе намалување на малопродажните цени како на пораките така и на разговорите од најмалку 50 отсто. Оттаму може да се очекува многу бргу мобилните компании да излезат со нови цени и со најразлични пакети, а особено изразена борба на понуди може да се очекува околу новогодишните празници, пишува Дневник.

smsОд АЕK с` уште не соопштуваат колку точно ќе биде големопродажната цена на СМС-пораките, која е под нивна регулација, но се дознава дека ќе се намали за најмалку 50 отсто. Моментално оваа цена е два денара за порака, а се дознава дека ќе биде најмалку еден денар. Тоа значи дека веројатно и малопродажните цени, кои сега се околу пет денари за испратен СМС, ќе паднат за речиси ист толкав процент.

Анализите на Агенцијата покажаа дека Македонија моментално е меѓу европските земји кои имаат поскапи големопродажни цени на пораките, а со новото намалување ќе биде меѓу оние со пониски. Kај нас големопродажната цена сега е 3,25 евроценти, а на пример, во Франција е 1 евроцент, во Полска 1,22 или во Данска – 1,07 евроценти, а ова се исто така земји со регулиран пазар. Намалувањето на цените на пораките, инаку, како што велат познавачите, е од интерес и на самите мобилни компании бидејќи статистиката покажува дека се праќаат с` помалку пораки, а овој колач с` повеќе го преземаат бесплатните мобилни апликации, како „Вајбер“, „Танго“, „Скајп“ и други инсталирани на паметните телефони.

Од идниот месец, пак, за што компаниите веќе имаат добиено известување, во сила се и новите цени на интерконекција (големопродажни цени за остварен повик, кои меѓусебно ги плаќаат операторите), која сега ќе изнесуваат 1,2 денари. Моментално големопродажните цени за остварен повик изнесуваа три денари за повик кон мрежата на „Т-мобиле“ и четири денари кон мрежата на „Оне“ или „Вип“, што ќе значи дека тие паѓаат за 70, односно 60 отсто. Ова значи дека доколку корисник на една мобилна мрежа повикува број кон друга мрежа, трошокот на операторот ќе биде речиси ист како да врти во сопствената мрежа. Оттаму и се очекува дека наскоро корисниците веќе нема да имаат потреба од три телефони од секој од операторите бидејќи цените на повик кон која било мрежа ќе бидат исти.

Од Агенцијата за електронски комуникации очекуваат дека намалувањето во овој дел, најверојатно, нема да биде во самата цена на една минута разговор, која сега е ниска, туку дека мобилните оператори ќе излезат со разни пакети, во кои ќе нудат комбинации од бесплатни разговори, СМС-пораки и интернет за пониска цена на претплата од сегашните, а со кои на пазарот ќе излезат до крајот на годината.

Дневник.мк

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1