Во јануари 2014 година Русија и Македонија ќе одбележат 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Сепак, историјата на меѓусебните односи помеѓу двете земји не е толку кратка, колку што се чини на прв поглед. Во август годинава се навршуваат 110 години од уште еден (иако тажен) настан, поврзан со историјата на нашите билатерални односи: убиството на рускиот конзул Александар Ростковски во градот Битола.
Најпрво треба да се кажат неколку збора за предисторијата на неговата работа на територијата на современа Македонија. Првите дипломатски претставништва на Русија во Македонија, која во тоа време била дел од Отоманската империја, започнале уште кон крајот на осумнаесеттиот век, откако Русија извојува победа во руско-турската војна 1768-1774 година.
Конзулатот во Битола (Манастир) бил отворен нешто подоцна, во 1861 година. Без оглед на привремената промена на статусот (во периодот од 1881 до 1901 година бил вицеконзулат), тој се одржал неколку децении. Околу осум години како конзул во градот престојувал и херојот на оваа наша сторија. И, значи, кој бил Александар Ростковски?
Роден е во 1860 година, го завршил Александровскиот императорски лицеј (во кој своевремено учел Александар Сергеевич Пушкин), по што почнал да работи во Азискиот департман на МНР на Русија. На почетокот работел во Бугарија како втор секретар на рускиот генерален конзулат, а потоа заминал на служба во конзулатот во Ерусалим. Од 1887 до 1890 година работел како секретар на руските конзулати во градот Јанина, а потоа и во Бејрут. До 1893 година тој бил заменик на агентот на МНР на Русија во Одеса, по што од 1893 година станува вицеконзул во Бринѕи. Од 1895 година работи како вицеконзул во Битола.
Во Македонија Ростовски се нашол во еден сложен период. Населението почнувало да го зафаќа револуционерно расположение. Две години пред доаѓањето на рускиот конзул била организирана познатата Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО), се создавале и други револуционерни организации, кои имале за цел подготовка на востание против Турците. Многумина сфатиле дека таквото востание во тие услови ќе доведе до негово неминовно задушување. Амбасадорот на Русија во Истанбул во телеграма до Ростовски му предложил „да преземе мерки“ за „да му се стави до знаење на христијанското население дека дејствувањето на комитетите строго се осудува од страна на императорската влада“. Дури и самиот конзул со голема внимателност гледал на нивната дејност. Познато е неговото мислење искажано при еден приватен разговор во 1900 година: „Од срце ми е жал за македонските Словени, но руските интереси ми се поважни и по личното чувство, и по долгот на службата“. Сепак, тоа не значело дека Русија не се стремела да го реши македонскиот проблем. Заедно со Австро-Унгарија во 1903 година таа на Истанбул му предложила проект-реформи, кои предвидувале либерализација на политичкиот режим на македонската територија. Ростковски кој на лице место ги следел тие „реформи“, известил дека турските власти прават сè за во практика ништо да не се измени.
Ростковски не се однесувал кон Македонија само како кон привремено место на живеење. За време на своите патувања по земјата, која тој практично во целост ја поминал, Ростковски подробно го опишал животот на локалното христијанско население кое страдало од Турците и со кое тој искрено сочувствувал. Во исто време тој продолжувал негативно да се однесува кон претставниците на македонските востанички организации, кои само му ја усложнувале работата како конзул, уверувајќи го христијанското население дека Русија ги поддржува овие организации.
Ростковски бил познат и по својата храброст како човек. Познати се случаи кога тој самиот, без никаква помош од телохранители и без оружје успевал да разреши многу проблеми: на пример, во април 1903 година, по масовниот колеж на христијани во Битола, само со своето појавување го успокоил и го одоброволил локалното население. Тој одел на места каде што тешко се доаѓа, кога тоа било потребно. Таков е примерот кога требало да се сретне со група православни Албанци, со цел да ги премисли во врска со нивниот план за премин во унијатство. Ростковски учествувал во распространување на информации за Македонија во Русија: така, во периодот помеѓу 1899 и 1900 година тој во руските списанија печател статии во кои биле давани статистички податоци за македонското население. За овие статии тој добил награда од Руската академија на науките.
Сепак, за време на својот престој во Македонија, Ростковски се здобил со многу непријатели. Како што знаеме, претставниците на македонските револуционерни комитети биле непријателски расположени кон Ростковски поради одбивањето на Русија да ги поддржи. Но, негативен однос кон рускиот конзулат имало и албанското население во Македонија. И во 1903 година Ростковски загинува од куршумот на еден турски жандарм, кој по националност бил Албанец. Рускиот император Николај Втори побарал од турскиот султан Абдула Хамид Втори да ги казни виновниците за убиството, што и било направено.
По 10 години, во 1913, кога Вардарска Македонија со градот Битола била дадена на Србија, во градот бил поставен православен крст во спомен на Ростковски. По Втората светска војна тој бил тргнат, и долг период во Битола не постоело ништо што би укажувало на работата на конзулот. Неодамна, во 2003 година тој крст беше повторно поставен. Сега тој е место на кое се спроведуваат различни свечени церемонии, организирани од руските дипломати, „наследници“ на Ростковски. И тоа е добар знак. Знак дека денес руско-македонските односи не само што успешно се развиваат, туку и дека имаат дамнешна историја, која, без оглед на трагичните настани, ни дозволува со оптимизам да гледаме кон иднината.
Ruska Rec