Нити една норма од меѓународното право не налага некоја земја да не може да се нарекува како што сака, а нејзините граѓани да не можат да се нарекуваат и именуваат како сакаат. Именувањето е едно од петте елементи на државите и тоа е неоспорно право на секоја земја член,
Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени, рече премиерот Груевсски во вечерашното обраќање пред Генралното Собрание на ООН.
Еве го интегралниот текст од обраќањето:
Почитувани дами и господа,
Дозволете ми да започнам честитајќи му на Претседателот Аше за неговиот избор и посакувајќи му голем успех во раководењето со Генералното собрание на ОН, истовремено честитајќи му на Претседателот во заминување Јеремиќ за неговото успешно претседавање. Сакам да му заблагодарам и на Генералниот секретар за неговото раководење со цел зајакнување на способноста на ОН да одговори на актуелните и идните предизвици.
Почитувани Колеги,
Секој септември, светските лидери се во Њујорк за да развиваат заеднички одговори на предизвиците, тоа е голем предизвик за сите, за владите, за меѓународните и регионалните организации, граѓанското општество, и приватниот сектор.
Ние ја споделуваме главната одговорност за мирен и безбеден свет, кој ќе ги обезбедува правата и интересите на поединецот, нациите и државите во рамките на границите на владеењето на националното и меѓународното право. Тоа беше и целта на Обединетите нации при формирањето после Втората светска војна.
Г. Претседател и Генерален секретар,
Ви благодариме за вашиот ангажман и водство при поставувањето на новата развојна рамка за планирање и по 2015 година, надградувајќи ги Милениумските развојни цели, со економската, општествената и еколошката димензија на одржливиот развој. Од важност за развојната агенда по 2015 е градењето на глобално партнерство помеѓу владите, приватниот сектор, граѓанското општество и поединците, и мобилизација на институционалните и човечки ресурси, во овој амбициозен и комплексен проект. Животната средина мора да биде клучен елемент на одржливиот развој, она што нè одржува е природата, чии ресурси треба рационално да се искористуваат. Економскиот раст пак го олеснува човечкиот, ја намалува сиромаштијата, овозможува подобро образование и здравствена заштита за сите, и есенцијален елемент на развојната рамка. Република Македонија во целост ќе придонесува во реализацијата на сите глобални цели, преку националната агенда во која токму инвестициите во образованието, здравството, земјоделството и храната, екологијата и инфратсруктурата, и партнерството помеѓу Владата и бизнис заедницата се врвни приоритети.
Почитувани пријатели,
Мирот, разрешување на конфликтите, заштитата на човековите права, се постулати на ОН, а денес се уште поголем предизвик на кој треба смело да пристапиме за да го надминеме. Република Македонија ги поддржува пристапите на Обединетите Нации за надминување на предизвиците. Активно придонесуваме во промоцијата на мирот на меѓународно ниво, учествувајќи во меѓународните мисии кои ја обезбедуваат слободата и демократијата.
Говорејќи за едно од главните прашања, кризата во Сирија и внатрешениот конфликт со над 100,000 жртви и 2 милиони бегалци, она што предизвикува уште поголем проблем при дипломатските напори, е што сирискиот народ беше соочен со употребата на хемиско оружје кое е строго забрането со меѓународните закони. Ова не смее да се толерира. Ние спаѓаме во оние држави кои побараа итна истрага, под покровителство на Механизмот на Генералниот секретар за Истрага на наводна употреба на хемиско и биолошко оружје. И покрај гледиштата, сите земји-членки на Советот за безбедност и на Обединетите нации се обединети дека при разрешувањето на кризата треба да се даде шанса на политичкиот пристап. Неопходно е да се сконцентрираат максимални напори на ревитализација на барањето за политичко решавање и свикување на конференцијата Женева II колку што е можно поскоро. Сирискиот народ заслужува подобри денови преку решителна акција на меѓународната заедница која ќе стави крај на насилствата и загрозувањата.
Дами и господа,
Во регионот Југоисточна Европа, влеговме во фаза на позитивен развој и генерално, националните и регионалните примарни цели се веќе исполнети или се на дофат. Регионалната соработка се проширува во голем број нови полиња. И покрај ваквиот напредок, одредени долготрајни, нерешени или делумно решени билатерални прашања имаат јасен негативен одраз врз нашата сегашност и блиска иднина, а за Република Македонија, тоа се покажа како сериозна пречка за агендата која се однесува на интеграциите во меѓународни организации.
Почитувани,
Република Македонија ја прославува 20-годишнината од членството во ОН со сè уште нерешено прашање во однос на употребата на името на мојата земја, Република Македонија и прашање околу идентитетот на мојот народ – македонскиот идентитет, прашања кои се појавија заради спор кој го отвори нашиот јужен сосед Грција кој се противи на нашето именување кое е наше суштинско индивидуално и колективно право. Тоа прашање кое требаше да биде веднаш решено помеѓу соседите, партнерите и идните сојузници трае веќе 22 години. Прашање кое според мое длабоко убедување иако претставува многу реален проблем за мојот народ, е виртуелно во својата основа и нема никаква базираност во меѓународното право ниту во актите на Обединетите Нации и тешко е, би рекол невозможно, некој да најде правна оправданост за неговото постоење.
Огромното мнозинство на земји, кои го признаваат нашето уставно име Република Македонија, а кои се над 135 членки на ОН, јасно покажуваат дека мнозинството на земји не веруваат дека овој спор има и оправдана политичка основа, или ако како таква постои ја денунцираат. Тој е произведен според мое убедување како класична политизација и инструмент кој пред 20тина години или требало некому да донесе парцијални политички поени или пак преку креирање на атмосфера на конфликтност да се направат некои стратешки регионални поместувања, но и да се забави продорот на слободата, демократијата и пазарната економија на Балканот.
ООН минатата година го разгледуваше и прашањето на владеење на правото, и сите земји-членки едногласно се сложија дека почитувањето на меѓународно договорените норми и принципи е задолжително. За жал, не секогаш нормите се почитуваат, а Обединетите Нации не смеат да бидат инертни на тоа и да се апстрахираат од одговорност за непочитување на владеењето на правото.
Република Македонија во 1993 стапи во членство во ОН со нетипичен услов за прием, а тоа е оспорувањето на уставното име, и прием под привремена референца на земјата, преседан кој историски се нема случено никогаш и кој е во спротивност со актите на меѓународната заедница и право, но ние тоа го издржавме, иако како проблем се провлекува до ден денешен.
Во 1995 со Грција со посредство на ОН потпишавме Времена спогодба со која променивме знаме и делови од Уставот, а Грција имаше обврска да не го попречува нашиот прием во меѓунарoдни организации, обврска која не ја испочитува и го попречи нашиот прием во НАТО во 2008, и не само што го попречи директниот чин на нашето зачленување во меѓународна организација, го прошири тоа попречување и на процесите на започнување на процедура за членство во друга организација и 4 години по ред го попречува почетокот на преговори за наше членство во ЕУ.
Во 2010 Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е главно тело на Обединетите нации основан од земјите членки, по основ на наша тужба за попречувањата на Грција за нашите членства, пресуди дека Грција го прекршила меѓународното право преку прекршување на Времената спогодба и дека Република Македонија со ништо не го прекршила меѓународното право и обврскте кои ги преземала. Но ние сме повторно попречувани, и покрај одлуката на највисокиот орган на правдата во светот и тоа на очиглед на ова Собрание и неговите земји членки.
ОН беа формирани за да го штитат меѓународното право. Нити една норма од меѓународното право не налага некоја земја да не може да се нарекува како што сака, а нејзините граѓани да не можат да се нарекуваат и именуваат како сакаат. Именувањето е едно од петте елементи на државите и тоа е неоспорно право на секоја земја член.
Што ќе ни е меѓународно право ако не го почитуваме? Ако ние ги затвориме очите пред оваа неправда и очигледно прекршување на меѓународното право директно ќе бидеме виновни за рушење на еден од постулатите на светскиот мир и на ОН. Ние тоа ниту сакаме ниту смееме да го дозволиме. Ако не постои меѓународно право би била анархија, а ОН би се претвориле во дебатен клуб без суштинска ингеренција. Ние не сакаме во тоа да учествуваме, по цена на се, па дури и на наша лична штета.
Ако не го почитуваме меѓународното право, не ги почитуваме и 50 милиони жртви кои пред 70 години се изборија за него и ќе одиме против одлуките на нашите претходници-основачи на оваа организација. Меѓународното право не треба да е флоскула тукурешение на секој предизвик.
Согласно меѓународното право Република Македонија има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
Шеесет и шест години по Универзалната декларација за човековите права, со овој спор кој ни е неправедно наметнат од Грција се повредува и едно од фундаменталните права на поединецот, правото на самоименување. На било кој припадник на мојот народ му е оспорено правото да се именува онака како што се чувствува, онака како што се именувале и чувствувале неговите мајка и татко, баба и дедо, и сите останати предци во историјата – како Македонец. Грција покрај што го оспорува уставното име на мојата земја Република Македонија го оспорува и идентитетот на моите граѓани, односно не дозволува тие да се нарекуваат Македонци, а јазикот кој го говорат да се нарекува македонски иако уште од пред повеќе од пола век низ светот на Универзитетите има катедри на кои се изучува македонскиот јазик и истиот се именува како македонски јазик. Тоа е како некој да ви оспорува дека говорите француски, германски, полски, англиски, холандски, португалски, јапонски, индијски и други јазици. Обединетите Нации не смеат да не погледнат во прекршувањето на фундаментално човеково право самоименувањето, и треба да покажат суштинска активност во овозможувањето на тоа право, а во овој случај активност која ќе води кон решение на овие отворени прашања кои ние ги имаме со Грција.
Мината година дебатиравме за превентивната дипломатија и заклучивме дека таа треба да биде суштински елемент на меѓународната заедница. Затоа ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонскте аспирации за подобра иднина за граѓаните. Треба ангажман за да се овозможи Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, зашто две години наназад се забележува огромна инертност на грчка страна која покрај тоа што е резултат на објективни причини предизвикани од нивната неповолна економска состојба, има и стратешки и тактички политички елемент кој е базиран на анализата дека со одолговлекувањето на процесот и нерешавање на спорот ќе се придонесе Република Македонија да се изолира во своите позиции кои се базирани на меѓународното право и вредностите и да потпише своевидно самоукинување на државата и на нацијата преку согласност за преименување. Во таа анализа се цени дека со немањето на интензитет на разговорите, мојата земја соочена со блокираните европски и евроатланстки интеграции кои се попречени директно од спорот и покрај исполнувањето на стандардите кои од нас ги побараа меѓународните мултилатерални организации (НАТО и ЕУ) во кои сме попречувани да влеземе, и соочена со можноста за внатрешни несогласувања околу оваа попреченост која е предизвикана од нашиот јужен сосед, дека ние би го спуштиле гардот и покрај силата на аргументите која е на наша страна. Точно е дека со одолговлекувањето на решението на спорот растат предизвиците и во земјата, но и на регионално ниво, и расте и тензичноста во определени моменти, но на секого треба да му е јасно дека таквите предизвици никако не може да се сметаат како тас на вагата кој ќе придонесе да се измени нашата оправдана и меѓународно правно исправна позиција, што би водело кон промена на нашиот македонски идентитет. Не може со наметнување на позиции на блокади да се промени нешто што постои со векови, ниту пак со закани од можни несогласувања, тензии или немири, па дури и со ефектуирање на истите. Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени. Но, лично сметам дека ние не смееме да ги оставаме жешките теми на идните генерации, туку мора да се обидуваме да најдеме решение и да смогнеме сили да обезбедиме просперитет за државите и регионот.
Г. Претседател, Г.Секретар, уважени претставници на земјите,
Велат постапките говорат исклучиво за оние кои ги преземаат. Соочен со немањето интерес на Република Грција за суштински разговори за решение на спорот, пред два месеца му предложив на грчкиот премиер да го промениме форматот на разговори, односно да го подигнеме на многу повисоко политичко ниво, јас како македонски и тој како грчки премиер, заедно со министри од двете влади директно да се среќаваме и да разговараме за решение. Тоа би водело кон поголема ефикасност, бидејќи ние сме најповикани да го решиме ова прашање. 22 години се премногу време на тапкање во место и се доволен доказ дека мора да има промена на играта. Нашиот мандат кој граѓаните ни го довериле треба да биде суштински за постигнување на взаемно прифатливо решение, за кое верувам дека може да се постигне, решение со кои ќе се согласат и ќе го поддржат граѓаните на нашите земји. Примерите на Србија и Косово, Хравтска и Словенија, каде на највисоко ниво политичките претставници ги надминуваат предизвиците, се најдобар доказ дека со овој начин се постигнуваат резултати. Ве повикувам вие директно да се вклучите кон реализација на оваа иницијатива, и кон надминување на застојот, и со вашиот ангажман да обезбедите интензитет и придвижување, поголем интерес од грчка страна за решение и прогрес. Постапките говорат за оние кои ги преземаат, ние токму со нашата отвореност и со нашата иницијатива која е оправдана покажуваме дека ние сакаме решение. Но, нашите средби не смее да бидат проформа, туку суштински, и не смее да создаваат алиби за неизнаоѓање на решение.
Убеден сум дека само суштински ангажман на меѓународната заедница, во прв ред на ОН ќе води кон решение, притоа имајќи ги предвид основните документи на ОН за правата на државите и на индивидуата, резолуциите на ООН кои ги дефинираа разговорите, спогодбите на кои гарант се ООН, одлуките на телата на ОН и меѓународното право во целина.
Сепак, доколку нема придвижување, ОН не смее да седат со скрстени раце и да бидат задоволни со статус кво ситуацијата, затоа што тоа е покажување на дополнителна неодговорност. ОН треба, свесни за оваа сега веќе безизлезна ситуација, да помогнат со своите механизми, преку Генералното Собрание, па и Советот за безбедност, врз основа на чија резолуција разговараме со нашиот сосед, да се дојде до решение кое ќе ги одглави перспективите на мојата земја. Во спротивно, ОН ќе се соочи повторно со неуспех и ќе сноси одговорност заради нереагирањето согласно сопствените принципи и вредности. Тука не сакам да амнестирам никого, сите ние имаме одговорност, но има и оваа организација, која наместо да го прифаќа комодитетот од тивкото нерешавање на овој спор и наместо да се штити преку преспивање на оваа статус кво ситуација, која евидентно создава проблеми и предизвици за регионот, треба да почне со разгледување на алтернативни сценарија и похрабро да поттикне решавање на овој долгогодишен спор.
Сигурен сум дека имаме капацитет заеднички да одговориме на сите предизвици. Во име на народите кои ги претставуваме, мора да преземеме одговорност за сегашноста и иднината. Преземањето на таква одговорност ќе значи носење на одлуки, промени на навиките, зајакната соработка и просперитет – но тоа е нешто што може да се направи. Тоа е одговорниот начин на понатамошно постапување.
(Интегрален текст од говорот на Премиерот Никола Груевски пред Генералното Собрание на Обединетите нации)