Снабдувањето со топлинска енергија може да почне и пред 15 октомври доколку во три последователни денови надворешната температура во 21 часот е 12 Целзиусови степени или пониска, пишува весникот „Вечер“.
Од почетокот на минатиот месец, “Дистрибуција на топлина – Балкан Енерџи” започнала со надополнување на мрежата и внатрешните инсталации на објектите со хемиски подготвена вода со работен притисок од 5 бари, како подготовка за претстојната грејна сезона. Од тие причини од компанијата апелираат до потрошувачите технички да се подготват за преземање на топлинската енергија од дистрибутивната мрежа, а сите подетални информации можат да ги добијат на веб сајтот на компанијата www.beg-distribucija.com.mk
Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика, велат дека снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година. Но, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, доколку во три последователни денови во периодот од 28 септември до 15 октомври, надворешната температура во 21 часот е 12 Целзиусови степени или пониска. Предвид се земаат и податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.