Дваесет и двегодишниот Мемиш Гарп од Пробиштип три години е без покрив над главата. Тој е дете без родители, но судбината за многу кратко време го оставила и без дедо и без баба кои, по смртта на родителите, останале да се грижат за него. Гарп имал спокојно детство во нивниот дом до пред седум години, кога починале и тие.
Тогаш почнале неговите патешествија. Деновите му поминуваат по роднини и пријатели, а последните три години е на клупа во Државната болница во Скопје.
Гарп лесно се препознава. Лицето му е помодрено, носи само едни изветвени панталони и блуза, кои ноќе му служат и како ќебе, а јаде само толку колку што ќе му дадат од околните продавниците и кафеани.
“Сега клупата е мојот дом. Прво останав сам на овој свет, а потоа и без покрив над главата. Морав да дојдам во Скопје, оти во Пробиштип имав голем притисок од вујко ми, кој ме избрка од куќата и не ми дава ниту една соба, која законски ми следува од моите родители. Меѓутоа јас немам пари за да докажам дека сум законски наследник. Ме малтретираа на секаков начин и за да се спасам, морав да заминам оттаму. Досега ниту тој ниту некој друг од неговото семејство ме побарал”, вели Гарп.
Кога ја напуштил родната куќа, Гарп нашол спас кај пријатели во градот, каде што останал околу две години. И тие, како и вујко му, го чувале додека ја земал пензијата од родителите до 18 години. По тоа, морал да замине и откај нив.
“Додека имаа ќар од мене, ме држеа со нив. Јас месечно добивав по 6.000 денари од државата. Парите ги земаа тие, демек да ги трошат за мои потреби, а ме праќаа со десет денари на училиште. И сега сум на улица и сум гладен и смрзнат, но верувајте, ништо подобро не ми беше и додека бев кај нив”, раскажува Гарп со лелек, поради болката во нозете што ја заработил лежејќи на болничката клупа.
Денес Гарп гледа надеж само во добрите луѓе. Секаде ја раскажува сопствената животна приказна, која, вели, мора да заврши со среќен крај.
“Кога ќе си легнам на клупа и ќе ги затворам очите, сонувам дека утрото ќе ги донесе сите добри луѓе, кои ќе ми помогнат да најдам една соба. Друго е кога се има покрив над главата. Имав среќа да најдам работа како градежник и чувар, и понатаму ќе продолжам сам да се снаоѓам, со Божја помош”, моли Гарп.
Број за помош: 071 221 048
Телефонскиот број на Гарп, кој му е даден на привремено користење, е 071 221 048. Тој ги повикува сите луѓе што можат да помогнат на каков било начин, да му се јават.
“Ми требаат пари за да може да извадам документи за да поднесам барање за социјален стан. Тоа се некаде околу 6.000 денари. Така ми јавија од Министерството за труд и социјална политика. Без нив, не можам ниту да аплицирам ниту да се надевам на свој дом. Само толку барам”, апелира Гарп.