Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Штип ги завршија археолошките истражувања на локалитетот Тополничка река кај Радовиш.
Археолозите наидоа на мошне значајни артефакти, меѓу кои и остатоци од антички храм со две простории и влез од источната страна, како и повеќе мермерни фигури, торза, камени икони и мермерни плочи со претстави на божества, околу 30 монети датирани од 4 век и градежни мермерни делови.
Наодите укажуваат дека се работи за антички храм од 2 и 3 век од н.е., според иконографијата на претставите, најверојатно на Асклепиј или Зевс. Во целост е откриена архитектурата на објектот со градежни остатоци од капители, подни и покривни бази, остатоци и друго, а според археолозите, особено е интересна мермерната плоча со претстава на Зевс.
Истражувањата ќе продолжат и наредната година кога се очекува археолозите да дојдат до нови податоци за постоечки други објекти околу храмот и во околината.