Ниту една од земјите-членки на Европската унија досега не побарала повторно воведување визи за Република Македонија или некоја од земјите од Западен Балкан. Ова денеска во изјава за дописникот на МИА од Брисел го потврди Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малстром.
На повеќе од еден месец од усвојувањето на механизмот „заштитна клаузула” од страна на Европскиот парламент, а кој и овозможува на Европската комисија да поведе постапка за повторно воведување визи за некоја од земјите со кои Унијата има безвизен режим, гласноговорникот на комесарката задолжена да го спроведе ова можно барање на некоја од земјите-членки, ги отфрла грижите за Македонија.
– Досега нема барање за можна активација на „заштитната клаузула” за евентуална суспензија на безвизниот режим за која било земја, вели Черконе.
Ова е уште една потврда за успешното справување со лажните азиланти на македонската Влада, што пред неколку месеци го истакна и Европската канцеларија за статистика (Евростат), која Македонија не ја стави во десетте земји што имаат безвизен режим со ЕУ, а од каде пристигнале најмногу барања за азил во некоја од земјите-членки на Унијата.
Под најголема закана за можна суспензија на безвизниот режим од ЕУ засега се Србија и Босна и Херцеговина, од каде доаѓаат се уште најголем број на лажни баратели на азил во Германија, Луксембург и Шведска.