„Најсуштественото што имам да му го кажам на почитуваниот суд и на сите, кои немале можност да ја изучат суштината, силата и значењето на македонските ослободителни борби и особено на оние што имаат дрскост да го негираат постоењето на Македонија, стануваат многу смешни, бидејќи и македонското население многу одамна станало свесно и решило по секоја цена да ја извојува својата независност дека Македонија има веќе своја историја, своја душа и една силна, непоколеблива волја да биде слободна, дека секој Македонец веќе станал свесен борец и до крај ќе опстои на девизата „слобода или смрт“ и дека поради тоа нема земјина сила која може да го убие слободниот дух на Македонците да бидат слободни.
Македонија заслужува слобода, треба да биде слободна, ќе биде независна. Со таа вера живее, легнува и се буди секој Македонец, каде и да се наоѓа тој.“ Ова е извадок од писмото што Тодор Александров, како прв човек на Автономистичката ВМРО го испратил до претседателот на Земскиот суд во Прага, во пресрет на судењето на Јордан Цицонков, со цел да му објасни на судот дека атентаторот кој одговара пред законот, убиството го извршил во име на ВМРО и на самостојна Македонија.
Цицонков бил зад решетки, оти во август 1923 година, во името на организацијата, во Прага го убил Рајко Даскалов еден од најблиските останати соработници на првиот човек на земјоделската влада во Бугарија, Александар Стамболиски. Извадокот од ова и од многу други писма, документи, дописи напишани од перото на Тодор Александров, збирно се објавени во монографијата „Автономистичката ВМРО на Тодор Александров 1919-1924“ на д-р Зоран Тодоровски, чија промоција се одржа синоќа во Скопје. Тодоровски вели дека во оваа книга ги објавил сите докази од неговото истражување, неселективно, за да се разбере големото значење на овој водач на ВМРО за Македонија.
– Со години истражував во македонските и во бугарските архиви, секаде селективно беа објавувани документи и докази за делото на Александров. Никаде ја нема целата вистина, вели во разговорот за „Дневник“, Тодоровски.
Интервјуто на – Дневник