Според весникот, кој се повикува на извори во истрагата, постојат сомнежи дека возилото се движело уште побрзо неколку секунди претходно и дека возачот почнал да кочи во обид да ја фати кривината, но на борд компјутерот на луксузниот автомобил, последната регистрирана брзина била 218 километри на час.
„Дневник“ повикувајќи се на сопствени неофицијални извори пишува дека истражните органи утврдиле присуство на алкохол во крвта кај возачот но нема точен податок за колкаво количество станува збор. Но, според истражителите брзината и алкохолот се клучни фактори за несреќата.
Бидејќи станува збор за луксузно возило вредно 40.000 евра, експертите за Дневник коментираат дека на делницата кај Јужен Булевар за тоа „бмв“ не е проблем да достигне и брзина од 250 километри на час.
Трагедијата се случи ноќта на 11-ти октомври додека петорицата загинати се враќале од ергенска вечер.