Родителите кои свесно ги злоупотребуваат своите деца за да питачат, ќе се соочат и со затворска казна. Со предлогот на новиот закон за семејство, по првата опомена следува постапка за одземање на родителското право, а доколку родителите и натаму ги тераат децата на питачење , ќе се соочат со казна затвор од една до десет години. Само годинава во 23 случаи било одземено родителското право, а над илјада деца низ Македонија, секојдневно питачат . Строги казни ќе има и за социјалните работници.
Оваа година на 14 родители од Скопје и 9 од останатите делови на земјата, во судска постапка им било одземено родителското право. Со новите законски измени освен што останат без своето чедо, родителите ќе се соочат и со затворски казни од една до десет години.
А со парични казни ќе се санкционираат социјалните работници и тоа од 1000 до 1500 евра ако не постапат според законот и глоба од 3000 до 5000 евра за центарот за социјални грижи. Според статистиката на министерството во Македонија има околу 1000 деца на улица. Некои уште во пелени родителите и на температури од минус 10 или плус 40, ги носат по раскрсници и во нивно име молат за денар.