Со 65 проценти „за“наспрема 33 проценти против, Хрватска гласаше за дефинирање на бракот единствено како заедница меѓу маж и жена. Излезноста е 38 проценти.
Резултатот е обврзувачки и дефиницијата брак ќе влезе во хрватскиот устав. Ваквиот исход се насетуваше од поодамна, особено од изјавите на хрватските челници, кои до последен момент сметаа дека граѓанското изјаснување е непотребно и оти тоа само ќе ја смени сликата за Хрватска како земја што не ги почитува различностите.
– Се надевам дека ова е последен пат на овој начин и за вакви прашања да излегуваме на референдум. Ако сме одговорни луѓе и граѓани, тогаш со устав ќе ги регулираме прашањата колку што се може, изјави Зоран Милановиќ, премиер на Хрватска.
– Ова беше референдум, кој сам по себе не беше потребен. Но, еве исполнети се условите и треба да се почитуваат одредбите до законот, изјави Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска.
Иницијаторот на референдумот беше граѓанската иницијатива „Во име на семејството“, која собра речиси 700 илјади гласови, а беше поддржана од Католичката црква и од опозициската ХДЗ, која се смета дека најмногу ќе профитира од резултатите и оти сега ќе си го трасира патот за враќање на власт.
– Не е во прашање загрозување на нечие право, туку опстојување на нашето право да бидеме тоа што сме. Тоа што е природно моравме да го ставиме во Уставот, Томислав Карамарко претседател на ХДЗ
Претставниците на ЛГБТИ заедницата, поддржана од група уметници и од актуелната власт, референдумот го доживуваа како алатка за дискриминрање на една веќе маргинализирана група. Третото граѓанското изјаснување во земјата, но прво организирано од народот, чини 6,3 милиони евра. Право на глас имаа 3,8 милиони граѓани.