Поради постоење основи на сомнение дека ги сториле кривичните дела „Лихварство“, „Грабнување“,„Предизвикување општа опасност“ и „Недозволено изработување,држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Струга, против Б.К.(48) и неговите синови У.К.(25), А.К.(21) и Ј.К.(19) сите од струшкото село Велешта поднесе кривична пријава. Истражен судија, на Б.К. и У.К. им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
На 28-ми минатиот месец во телефонски разговор, пријавениот Б.К. од лицето А.Г. (39) од Струга побарал да му исплати паричен долг од 8000 евра притоа упатувајќи му сериозни закани кон него и неговото семејство. Откако добил одговор дека паричниот долг изнесува 3000 евра, сега притворениот Б.К. околу 17 часот по претходен договор со неговите синови отишле во домот на А.Г. на улицата „Маршал Тито“ во Струга, каде физички ги нападнале неговите родители Ф.Г.(64) и А.Г.(58) барајќи им пари.
Пријавените, потоа се обиделе во нивните патнички моторни возила насилно да ги внесат двајцата сопружници, но поради нивното спротивставување не успеале во намерата. Со цел да ги заплашат, пријавените Б.К. и У.К. извадиле пиштоли што нелегално ги поседувале и испукале повеќе куршуми.
Во февруари оваа година, пријавениот Б.К. и оштетениот А.Г. потпишале фиктивни договори за заем на парични средства. Според договорот А.Г. позајмил од Б.К. 15000 евра и патничко возило во вредност од 25000 евра за што му исплаќал незаконита камата (лихва) во износ од 800 евра месечно. Исплатата траела се до месец јуни оваа година кога оштетениот А.Г. на пријавениот Б.К. му исплатил 5500 евра. Во октомври во две одвоени средби, на Б.К. му биле исплатени по 10000 евра а подоцна и патничко возило марка „БМВ“ во вредност од 12000 евра.
Инаку, сега притворениот Б.К. е лице познат на службата против кого и досега, по разни основи биле поднесувани кривични пријави.