Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 77. седница ги донесе измените на Законот за работни односи.
Опозицијата не ги поддржа измените затоа што смета дека тие се на штета на работниците и претставуваат кратење на нивните права. Со измените, според опозицијата, му се дава право на работодавачот една година по направениот прекршок да го избрка работникот за нарушен ред и дисциплина.
– Измената треба да се повлече затоа што ваквото законско решение не е во корист на работниците. Измената на законот е во интерес на работодавачите, рече Цветанка Иванова, додавајќи дека во изминатиот период постојано се кратат работничките права.
Во репликата, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со тврдењето дека во изминатиот период постојано се кратат работничките права за што според него потврда е воведувањето на минималната плата и низа други законски решенија.
Неговата колешка Сузана Анова посочи дека законската измена се однесува на оние работници кои не ги почитуваат работниот ред и дисциплина во компанијата и оти постојат механизми за заштита на работниците.
Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека решението што се предлага е разгледано на Економско-социјалниот совет во кој членуваат и работодавачите и синдикатите. – Најдовме решение кое беше прифатено од двете страни, нагласи Ибрахими.