Активисти за правата на децата во Уганда бараат педофилите во оваа африканска земја да се кастрираат, делумно поттикнати и од случајот на злоставувач кој наводно е и македонски државјанин. Претставник на тамошната влада, Мондо Кјатека, говорејќи на годишна конференција на темата побарал пратениците веднаш да поднесат такви предлог- измени во законот.
– „ Сечењето на репродуктивните органи на злоставувачите ќе им го дотера паметот на некои луѓе. Ќе им одржи лекција дека децата треба да бидат заштитени, сакани и чувани.“- ја пренесува изјавата на вториот човек на Комисијата за млади во Уганда, Мондо Кјатека, угандискиот портал Њу Вижн.
Иницијатавата, според тамошните медуми има поддршка и во повисоките политички кругови. Врската пак на Македонија со дебатата во оваа африканска земја е лицето Емин Баро.
Минатата година тој беше осуден за ширење порнографски материјали кои ги направил со сексуалните акти со малолетнички во Уганда. Случајот доби големо внимание особено во Турција бидејќи првичните информации говореа дека се работи за турски државјанин.
Надлежниот амбасадор на Анкара сепак обелодени дека Баро имал македонски и новозеландски пасош, со што го тргна националниот срам од неговата земја.
За случајот побаравме информации од МНР и МВР. Од македонската дипломатија конактираа и со надлежната амбасада во Каиро, но и тие и централата во Скопје немаат добиено допис.
Од МВР велат дека во земјава постои лице со такви податоци по потекло од рурална општина во југоисточна Македонија, но дека тоа засега не може да се потврди.
– „ Во евиденцијата на МВР постои лице со посочените податоци кој е граѓанин на РМ, но истата информација не можеме да ја потврдиме додека не добиеме официјална информација од страна на Уганда.“- велат од МВР
Од македонската полиција дополнуваат и дека македонскиот државјанин со споменатите податоци, последен пат легално ја поминал македонската граница во летото 2011-та и тоа за излез од земјава. Велат самите ќе иницираат контакт со службите во африканската земја за да се расчисти случајот. Судбината на Баро останува во рацете на угандиските власти, засега заедно со угледот на Македонија во оваа земја.
Алфа