Утрово Македонија ја потресе веста за прераната смрт на музичкиот мајстор Ацо Богдановски – Конга, кој ќе остане запаметен како еден од првите музичари кои кај нас го донесоа овој традиционален кубански тапан.
На страна неговата професионалност, Ацо ќе остане запаметен како семеен човек и одличен пријател. Многу од неговите колеги и пријатели утрово со неверување се разбудија со оваа немила вест. Секој на свој начин, се обидоа да ја искажат својата тага и почит, многумина од нив, на социјалните мрежи, пренесува Република.
– Нашиот колега Ацо Конга не успеа да се избори со болеста…Многу жално. Почивај во мир Ацо – пејачката Елена Петреска беше меѓу првите кои дознаа.
– Тажно, многу тажно…Почивај во мир друже – се јави и Тамара.
– Почивај во мир, пријателе – се редеа и последните поздрави од соработниците и пријатели актери Весна Бејби – Петрушевска, Петар Горко…
– Штета и греота – додава Дарар.
– Почивај во мир! Добрите луѓе не тонат во заборавот! Ти сигурно нема да потонеш во заборав! Респект, слава ти и фала… – напиша Угро.
– Аман бе…. Аман бе!!!!!! Зашто бе вакви работи? Отиде уште еден добар човек… Пред се татко и сопруг, па после пријател, колега и талентиран музичар…. Нека ти е лесна земјата Ацо, не сплоти барем на кратко, не мотивираше да се запрашаме ШТО е животот и колку вреди…. Почивај во мир – со тага и неверување напиша Нина Јанева.
– Ќе ни недостасуваш…- вели неговата колешка Маја Вуќичевиќ.
Пред 3 месеци јавноста дозна за здравствените проблеми на Ацо Конга, кога беше иницирана хуманитарна акција од неговите колеги.
На својот официјален Фејсбук профил, македонскиот пејач Јоце Панов, инаку близок пријател на Ацо Конга, ја објави веста, додавајќи дека за жал, метастазите му се прошириле и на други делови од телото и затоа итно му е потребна терапија која чини 15.000 евра.
По Јоце Панов, голем број на други музичари, негови колеги и блиски пријатели започнаа преку социјалните мрежи да апелираат за помош од сите оние кои што можат финансиски да му помогнат на познатиот музичар. Колегите на Конга се организираа и помогнаа да се отвори сметка за донации.