Граѓаните што купуваат преку интернет ќе може да нарачуваат од странство производи со вредност од 150 евра без да платат царина. Агенцијата за пошти поднесе иницијатива за тројно зголемување на сумата до која нарачаните предмети од странство се ослободени од царина. Во моментов за пратките со вкупна вредност до 45 евра, во која се вклучени и транспортните трошоци, не се плаќа царина. Доколку се усвои иницијативата, од царина ќе бидат ослободени пратките со вкупна вредност до 150 евра, пишува Дневник.
Од Агенцијата за пошти објаснуваат дека за да стапат измените во сила, не треба да се носат измени во законските решенија, туку доволно е да се направи корекција во уредбата што ја носи Владата на предлог на Министерството за финансии. Со зголемувањето на лимитот, сметаат во Агенцијата, ќе се поттикне онлајн-трговијата, но и развојот на поштенскиот сектор во земјава.
– Износот од 45 евра е решение старо повеќе години. Во денешни услови не само што не одговара на современите економски односи туку и споредбено гледано земјите од регионот, како Србија и Хрватска, уште минатата година ги зголемија лимитите на вредност за ослободување од плаќање увозни давачки на 70, односно на 150 евра. Од овие причини сметаме дека за македонските граѓани е особено важно дали нивното купување за лични потреби преку интернет ќе биде непотребно обременето со дополнителни давачки при увозот – велат од Агенцијата за пошти.
Сепак, неизвесно е дали и кога ќе се направи промена во регулативата, со оглед на тоа дека оваа иницијатива с` уште официјално не стасала до Министерството за финансии. Информации за неа немаат ни во Царинската управа.
За разлика од пратките пратени по пошта, граѓаните што од странство купуваат стока и лично ја внесуваат во земјава не плаќаат царина доколку вредноста на купените предмети не надминува 350 евра. Ваквото решение, сметаат во Агенцијата за пошти, ги дискриминира корисниците на поштенски услуги во однос на патниците.
Повеќе на Дневник