Американскиот Конгрес вчера го договори големиот таканаречен омнибус закон вреден трилион долари, со кој во текот на следната фискална година ќе се финансира работата на сојузната Влада
Предвидено е утре законот да се гласа во Претставничкиот дом, а до крајот на неделата да биде усвоен и од Сенатот и да стапи на сила.
Со буџетот е предвидено укинување на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик, кое се финансира од делот на буџетот на големата институција ББГ која го финансира и Гласот на Америка. Покрај македонската програма, предвидено е укинување и на другите преостанати програми на Радио Слободна Европа на Балканот, додека програмите на Гласот на Америка остануваат активни, со исклучок на грчката програма и радио програмата на Гласот на Америка на албански. Во образложението на овој предлог, ББГ ги наведува подобрените политички услови во регионот.
– Условите во земјите на Балканот се различни. Македонија и Црна Гора уживаат релативно стабилни политички услови и се кандидати за членство на НАТО и на Европската Унија. Косово аплицираше, но се уште не е примено во Обединетите нации. Во Босна, постои загриженост од одржливоста на повоениот договор, и корупцијата останува распространета. Србија, најголемата од целните држави на ББГ, тргна по патот на демократизација по падот на Слободан Милошевиќ. Во услови на ограничени ресурси и голема потреба од ангажман во други делови на светот, неопходно е да го елиминираме балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, пишува во образложението на буџетот на ББГ.
Анастасија Колобродова од ББГ, за МИА изјави дека предлог буџетот, во кој е предвидено укинувањето на балканската програма на Радио Слободна Европа, се очекува да биде усвоен од Конгресот како што е предложен.
Од македонската програма на Радио Слободна Европа немаа коментар за најавеното укинување на финансиските средства за нивната програма.
Радио Слободна Европа е формирано во 1949 година од страна на тогашното раководство на американската армија и ЦИА, како медиумска организација која ќе работи за поткопување на комунистичките режими во окупираните земји на источна Европа. По падот на комунизмот, а со почетокот на војната во поранешна Југославија, Радиото станува поактивно на просторот на Балканот.
Mia