Ќе се укинува Радио Слободна Европа на Балканот – згаснува и радиото во Македонија


Американскиот Конгрес вчера го договори големиот таканаречен омнибус закон вреден трилион долари, со кој во текот на следната фискална година ќе се финансира работата на сојузната Влада

Предвидено е утре законот да се гласа во Претставничкиот дом, а до крајот на неделата да биде усвоен и од Сенатот и да стапи на сила.

radio slobodna evropaСо буџетот е предвидено укинување на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик, кое се финансира од делот на буџетот на големата институција ББГ која го финансира и Гласот на Америка. Покрај македонската програма, предвидено е укинување и на другите преостанати програми на Радио Слободна Европа на Балканот, додека програмите на Гласот на Америка остануваат активни, со исклучок на грчката програма и радио програмата на Гласот на Америка на албански. Во образложението на овој предлог, ББГ ги наведува подобрените политички услови во регионот.

– Условите во земјите на Балканот се различни. Македонија и Црна Гора уживаат релативно стабилни политички услови и се кандидати за членство на НАТО и на Европската Унија. Косово аплицираше, но се уште не е примено во Обединетите нации. Во Босна, постои загриженост од одржливоста на повоениот договор, и корупцијата останува распространета. Србија, најголемата од целните држави на ББГ, тргна по патот на демократизација по падот на Слободан Милошевиќ. Во услови на ограничени ресурси и голема потреба од ангажман во други делови на светот, неопходно е да го елиминираме балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, пишува во образложението на буџетот на ББГ.

Анастасија Колобродова од ББГ, за МИА изјави дека предлог буџетот, во кој е предвидено укинувањето на балканската програма на Радио Слободна Европа, се очекува да биде усвоен од Конгресот како што е предложен.

Од македонската програма на Радио Слободна Европа немаа коментар за најавеното укинување на финансиските средства за нивната програма.

Радио Слободна Европа е формирано во 1949 година од страна на тогашното раководство на американската армија и ЦИА, како медиумска организација која ќе работи за поткопување на комунистичките режими во окупираните земји на источна Европа. По падот на комунизмот, а со почетокот на војната во поранешна Југославија, Радиото станува поактивно на просторот на Балканот.

Mia

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1