Стотина бракови на македонски ергени со албански невести биле склучени во последната година и половина, велат од здружението „Аманет“ од Битола, кое со години наназад посредува остварувајќи контакт со невестите од Албанија. По повод Василица здружението ги собра ваквите брачни двојки во храмот „Света Троица“, пренесува Канал 5.
Здружението „Аманет“ е насочено кон негување на традиционалните и семејните вредности и целта е да се придонесе кон катастрофалниот резултат од белата чума – вели Драган Романски, од здружението „Аманет“.
Невестите од Албанија велат дека во Македонија им е добро. Повеќето брзо го научиле јазикот, а деновите главно ги минуваат посветени на семејството.
– Убав ми е животот, со две дечиња – вели Виолета Пренди, невеста од Албанија.
– Една братучетка беше стројничка, дојде да се видиме и на прв поглед се бендисавме – вели Валбона Стојковска, невеста од Албанија.
– Убав е животот, работам во конфекција – вели Флора Прчовска, невеста од Албанија.
Оние кои на овој начин ја најдоа својата среќа велат дека клучот е решителноста и упорноста.
– Потребно е да си решителен – вели Николче Ѓоргиевски, кој е женет со невеста од Албанија.
На средбата по повод Василица се поделија и мазничиња, а паричката падна во возачот на комбето со кое овие семејства често патуваат во Албанија од каде потекнуваат невестите.