Покрај античкиот и комитскиот период, на туристите во Скопје ќе им биде претставен и староградскиот живот. Момците и девојките што ќе бидат дел од туристичката стража, освен во облеката на војската на Александар Македонски, комитите и на партизаните, ќе бидат облечени и во староградска облека, пишува Вест.
“Оваа година, како новитет, планираме да го претставиме староградскиот живот. Сето друго останува исто. Туристичката стража ќе почне со работа од средината на мај. Момците и девојките ќе бидат во оние делови од градот каде што има најголема фреквенција на туристи, односно на плоштадите Македонија и Филип Втори”, велат од ДКЦ”Карпош”, под чија надлежност е туристичката стража.
Во моментов тече конкурсот за избор на момците и девојките што ќе бидат дел од туристичката стража.
“Кандидатите што сакаат да бидат антички Македонки, фалангата на Александар Македонски, партизани или комити, треба да се на возраст од 19 до 23 години, да говорат англиски јазик, да имаат познавања за периодот кој го претставуваат и за спомениците кои се поставени низ градот. Задоволни сме од интересот на младите луѓе да бидат дел од туристичката стража. Повеќето што лани учествуваа во проектот, повторно се пријавуваат и годинава”, додаваат од детскиот културен центар “Карпош”.
Vest