Во Кривопаланечкиот суд денеска требаше да започне судски процес каде жртвата на насилство стана обвинета. Под притисок и закани со оружје, исплашена за својот и животот на нејзиното седумгодишно дете, Наташа Величковска немала друг излез освен да ја повлече тужбата против Бобан Стојановски за киднапирање и силување. Го сменила исказот во судот па сега таа се гони за лажно сведочење. Рочиштето не се одржа бидејќи Наташа вчера заврши во болница на инфузија заради притисоците што и понатаму ги трпи од насилникот.- вели нејзиниот татко.
Симе Петровски, татко на Наташа.вели дека таа цело време е во депресија, под притисок и закани така што вчера цел ден лежеше во кревет. Синоќа и` се слошило, некаде околу 10 часот, жената ме разбуди и ми вели, Наташа падна, мора да ја носиме во брза помош, ни изјави таткото.
Активисти од неколку невладини здруженија денеска одржаа мирен протест барајќи судот да се огради од сите партиски влијанија на локалните моќници.
Луми Бекир- активист од Хелсиншки комитет вели дека со протест бараат правда за Наташа и за сите жени кои се жртви на семејно насилство. Исто така од судот бараме да се одалечи од сите можни политички влијанија и да пресуди правилно, вели Бекир.
Невладините организации на Наташа и овозможија бесплатна правна помош заради лошата финансиска состојба во која се наоѓа како самохран родител. Натамошниот судскиот процес ќе биде мониториран од здружението на граѓани „Хера“.
Игор Јaдровски, правен советник во „Хера“ вели дека семејното насилство е многу деликатна и специфична тема. Тука сме присутни да бидеме сигурни дека судот и сите останати засегнати страни ќе постапат онака како што треба да постапат, нагласуива Јадровски.
Мира Додевска која и самата е жртва на семејно насилство, се приклучи на протестот. Таа едвај собрала храброст да започне судски процес, но сепак човекот кој со години ја тепал и малтретирал, не ја добил заслужената казна. Со две деца завршила во еден од шелтер центрите за згрижување. Насилството создава длабоки лузни за цел живот, вели Додевска.
-Страшно, многу страшно, не може да се опише како тоа се доживува, со трауми, децата плачат, се
стресуваат. Тотално изгубени, немаме ни душа ни сила сето тоа да го поднесеме. Еве го мојот случај, вели Додевска.
И Наташа го минува пеколот на Додевска. Се надева дека Јавниот обвинител ќе има разбирање за состојбата во која таа се наоѓа и дека судот ќе предложи мерка- забрана за доближување на насилникот во нејзина близина.
Telma