Астероидот што минатата година експлодира над Челјабинск повреди повеќе од илјада луѓе со парчиња од стакло и со други градежни материјали, но пред да стигне на Земјата имал судир во вселената со друг астероид, откриле научниците
Анализа на минералот жадеит што беше пронајден во деловите на астероидот на Земјата по експлозијата, покажува дека телото на астероидот удрило поголем астероид со брзина од 4 800 километри на час, а потоа се скршил еден дел кој се упатил кон Земјата.
“Овој удар можеби го одделил астероидот од Челјабинск и го насочил кон Земјата”, пишува истражувачот Шин Озава од Тохоку Универзитетот во Јапонија, во научниот труд објавен во списанието Scientific Reports.
Откритието би требало да обезбеди на научниците повеќе увид во тоа како астероидот се нашол на патот кон Земјата. Научниците веруваат дека судирот се случил пред 290 милиони години.
Поголемиот дел од астероидот со дијаметар од 20 метри кој леташе над Челјабинск во југозападниот дел на Сибир на 15 февруари минатата година, изгорел поради атмосферското триење со брзина од 67.600 километри на час, но помали парчиња “преживеале”.
Астероидот летал со брзина 60 пати поголема од брзината на звукот и експлодирал на надморска височина од околу 30 километри со сила што е 30 пати поголема од атомската бомба која беше фрлена врз Хирошима.
Експлозијата над Челјабинск предизвика удари кои уништија згради и кршеа прозорци, а повеќе од илјада лица беа повредени.
Наоѓањето на жадеитот кој се формира во услови на екстремно висок притисок и температура, покажува дека астероид од кој е создаден метеорот од Челјабинск, е погоден од друг астероид со дијаметар од најмалку 150 метри.
Астероидот од Челјабинск предизвика втора најсилна експлозија во историјате. 1908 година наводно експлодирал астероид со моќ околу илјада пати поголема од атомската бомба фрлена на Хирошима, уништувајќи 80 милиони стебла шума на 2000 квадратни километри во близина на реката Тунгуска во Сибир.