Постојат и случаи каде Законот за наследување дава можност од причини кои се точно наведени на нужен наследник да му биде одземено правото на нужен дел во целост или делумно. Исклучувањето од наследство на нужниот наследник може да се направи само преку тестамент од страна на завештателот кој може да го направи само по своја волја.
Завештателот може да исклучи од наследство наследник кој има право на нужен дел ако:
1) потешко се огрешил спрема оставителот со повреда на некоја законска или морална обврска и
2) со смисленост сторил некое потешко злодело спрема него или неговиот брачен другар, дете или родител.
Завештателот којшто сака да исклучи некој наследник мора тоа да го изрази во тестаментот на несомнен начин, а корисно е да ја наведе и причината за исклучување. Причината за исклучување мора да постои во времето на составување на тестаментот.Во случај на спор за основаноста на исклучувањето должноста за докажување дека исклучувањето е основано лежи на оној којшто се повикува на исклучувањето.
Како причина за исклучување од наследство може да се јави и груботои навредливо однесување на наследникот спрема оставителот и нему блиските лица. Во поглед на вината и основот за исклучување од наследство се мисли на сторување на некое кривично дело кое за нејзината тежина и квалификација оставинскиот суд ќе треба да ја процени и да одлучи дали претставува основ за исклучување. Доколку наследникот кривичното дело го сторил во нужна одбрана или пак во крајна нужда тогаш тоа нема да претставува основ за исклучување.
Со исклучувањето наследникот ги губи наследните права во мерката во која е исклучен, а правата на другите лица кои можат да го наследат оставителот се определуваат како да умрел исклучениот пред оставителот. Исклучувањето може да биде целосно или делумно така што завештителот може да наведе во тестаментот дека го лишува наследникот само во одреден дел од наследството додека другиот дел може да го наследи или пак со изрично изјавување со намалување на нужниот наследен дел.