Македонскиот бизнисмен Џон Гашовски, кој пред два дена е пронајден мртов близу Волонгонг, Австралија со куршум во главата, е убиен од страна на професионалец убиец кој зад себе не оставил никакви физички траги, вели во првото обраќање кон јавноста австралиската полиција, пренесува Република.
– Ги истражуваме сите негови контакти, посебно со неговите најблиски бизнис партнери и сонародници, од кои повеќето имаат големо полициски досие и се познати како членови на криминални групи – изјавиле официјалните лица од сојузната полиција во Сиднеј, за тамошните медиуми.
Голем интерес на полицијата предизвикал и моментот според кој фирмата на Гашовски, позната како „ЈСЈ комуникации“, била ликвидирана во јуни минатата година, а австралиската Комисија за хартии од вредност и инвестиции (АСИЦ) издала Нота таа да биде одјавена и избришана од листата на фирми во Австралија поради долгови.
Четириесет и осум годишниот Гашоски е родум Битола, а со семејтвото живеел во Сиднеј. Три од неговите четири деца се ученици, а во изминатиот период работела само сопругата на Џон, Џеки. Сепак, според наодите на полицијата тие живееле одлично и не побарале финансиска помош од државата, дури купиле и нова кола.
Токму финансиската стабилност и врските со криминалците за полицијата во Сиднеј се важната алка за истрагата бидејќи тие веруваат оти Гашовски имал бизнис релација со наркомафијата со потекло од Македонија.