Кардиохирургот д-р Жан Митрев е годинашниот добитник на највисокото признание на Општина Штип – орденот на „Свети Никола“. Митрев орденот го прими на свечената академија денеска во соборниот храм „Свети Никола“ во Штип.
– Посебна чест е да го добијам ова признание, како највисоко на Општината за некој кој е роден Штипјанец и направил многу не само за татковината, но и за својот роден град. Во иднина целосно ќе се вложам себе си, а ова признание е поттик за тоа, Македонија и мојот роден Штип, да ги почувствуваат моите натамошни визии во унапредување на здравствената заштита од аспект на кардиологијата, рече Митрев.
Празнувањето на патрониот празник на градот Штип започна со изнесување и дефиле на светите литии по улиците на градот и сечење на славскиот колач на градскиот плоштад со беседа на митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион. Инаку, Митрев е осми добитник на ореднот „Свети Никола“.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев во црквата Свети Никола ги додели и признанијата „Свети Никола“. Добитници се ЈП за државни патишта и директорот Александар Стојанов, потоа Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и директорктата Билјана Вуковиќ, Агенцијата за млади и спорт и директорот Марјан Спасески, новинарот и дописник на „Дневник“, Љупчо Шатевски, професорот Борче Крстевски и Никола Опашинов, Кирил Јорданов и Александра Ангеловска од Општина Штип.
Општина Свети Николе денеска исто така го слави својот празник Свети Никола, кој е заштитник на градот.
– Огромна и неизмерна чест е да се слави светецот, кој со векови го чува нашиот град, што го носи неговото име. Вака да остане и во наредните векови, истакна градоначалникот на Свети Николе, Зопран Тасев.
Денешниот ден, посветен на светецот, кој како што вели неговото житие, се што допрел Свети Никола се позлатило, и се што рекол се остварило, го слават три града во Македонија, како свој заштитник.