Австрискиот активист за право на приватност Макс Шремс покрена групна тужба против социјалната мрежа Фејсбук заради кршење на европските закони за заштита на податоците. Тужбата е покрената пред Трговскиот суд во Виена, а на неа можат да се приклучат корисници на социјалната мрежа од сите земји освен од САД и Канада.
Сите кои имаат Фејсбук профил можат да се приклучат на тужбата пред првото рочиште во Виена, а во случај на победа би можеле да добијат 500 евра надомест. Сепак, Шремс нагласува дека постапката не ја почнал за пари, туку од принципи.
„Бараме само мал износ, бидејќи наша примарна цел е да се обезбеди вистинска заштита на податоците. Сепак, ако доволно луѓе се приклучат на тужбата, ќе достигнеме износ кој би можел да има сериозно влијание на Фејбук“, вели тој.
Пријавувањето за тужбата е на следниот ЛИНК.
Во тужбата се побарува по 500 евра од корисник, а се бара Фејсбук да се казни заради кршење на следните закони:
1. Користење на податоци без директно одобрување од корисниците
2. Поставување на противзаконски услови за користење на податоците
3. Следење на корисниците надвор од Фејсбук преку копчето „Лајк“
4. Употреба на податоците за надгледување на корисниците
5. Автоматско вклучување на Graph Search опцијата
6. Откривање на податоците за корисниците на надворешни апликации
7. Учество во програмата Prism на американската Национална агенција за безбедност, која ги користи личните податоци
Шремс го тужи Фејсбук на Трговскиот суд во Виена, откако ирските судови најпрвин одбија да преземат дејства. Случајот во Даблин се води веќе три години, но ирското правосудство го одлага судењето со нејасни објаснувања.