Албанската полиција соопшти вчера дека еден маж загинал во текот на вооружена престрелка со полиција на собир по повод годишнината од влезот на Грција во Втората светска војна против Италија.
Албанските медиуми објавија дека е убиен Константинос Кацифас (35) кој пукал од калашников кон албанските полицајци кои го симнувале знамето.
Инцидентот се одвивал во албанското село Буларат, во кој живеат повеќе Грци, а кои го одбележувале денот на влегувањето на Грција во Втората светска војна, 28 октомври 1940 година, пренесува Катимерини.
Полицијата додаде дека Кацифас загинал во размена на оган со полицијата.
Кацифас, по потекло Грк бил роден во Буларат, но од скоро живеел во Атина.
Полицијата отворила истрага.
Соборците на Кацифас, бесни поради смртта на пријателот, ги преплавија социјалнтие мрежи со закани и повици за одмазда.
Албанските портали објави дека пријателите на Кацифас на Фејсбук се заколнале дека крваво ќе се одмаздат.
Грчкото Министерство за надворешни работи истакнало дека е „неприфатливо операцијата да резултира со загуба на човечки живот“.
„Чекаме од албанските власти целосно објаснување на условите под кои грчкиот граѓанин го загубил животот и веднаш ќе ги преземеме неопходните чекори“, се наведува во соопштението на грчкото Министерство.
Албанското МНР се огласи со соопштение во кое „жали поради неоправданата политизација“ на овој случај.