Македонија ќе остане без препораката за почнување преговори со Европската унија. Повикувајќи се на дипломатски извори, ТВ Алфаобјави дека се води голема битка во рамките на Комисијата, уште во нацрт-извештајот што во моментов се подготвува да биде целосно повлечена препораката, која инаку Македонија ја добива пет години по ред. Причина, според дипломатите, сега не е само спорот со името и притисокот од Грција, туку тоа е цехот што ќе треба да го плати државата поради бојкот на опозицијата на Парламентот и целосното отсуство на политички дијалог.
Доколку оваа најава се оствари, и препораката навистина биде повлечена и во официјалниот извештај што треба да биде објавен на 8 октомври, тоа ќе биде сериозен удар врз угледот на Македонија, не само во рамките на Европската унија, туку и пошироко. Може да има сериозни последици врз сите процеси во државата, пред сѐ врз економијата.
– Потребата од партиципација на опозицијата во процесите во државата, првенствено во работата на Парламентот, е многу поважна од која било реформа во судството или во образованието – вели дипломатскиот извор на „Алфа“.
Западните дипломати веќе подолго време ги искажуваат своите критики за одлуката на СДСМ за бојкот и неколку пати апелираа тие да се вратат и да почнат дијалог со власта, но очигледно засега никој не ги сфати сериозно овие пораки.
Во моментов, политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата е целосно блокиран. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја повика СДСМ на разговори, но добива само негативен одговор. СДСМ прифаќа разговори само за техничка влада, нешто што дури наиде на критика и кај западните земји. Се очекува кон крајот на октомври, оставките на пратениците од оваа партија да бидат конечно констатирани.