Припадничка на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), којашто имала пристап до доверливи информации во 2014 година отпатувала во Сирија каде што се омажила за припадник на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), објави во понеделникот телевизијата СиЕнЕн.
Според неименуваните извори на телевизијата, соработничката на ФБИ е идентификувана како Даниела Грин. Во Бирото таа преведувала и имала на тој начин пристап до доверливи информации, а нејзиниот сопруг е идентификуван како Денис Кусперт.
Телевизијата наведува дека тој бил еден од највлијателните припадници на Исламската држава, одговорен за регрутирање преку интернет на новите поддржувачи на организацијата, а исто така учествувал и во снимањето на џихадистичките пропагандни видео материјали, на едно од кои во рацете држи отсечена глава на маж.
Во прилогот на СиЕнЕн се истакнува дека Грин го предупредила Кусперт за тоа дека американските власти започнале истрага против него. Но набрзо, неколку седмици откако стапила во бракот, жената најверојатно ја сфатила својата грешка и се вратила во САД.
По враќањето се согласила да соработува со американските разузнавачки агенции, а исто така ја признала вината за давање лажни информации кои се однесуваат на меѓународниот тероризам.
Грин била осудена на двегодишна затворска казна и била ослободена летото 2016 година. Според оцената на СиЕнЕн, во овој случај се поставува прашањето дали американското министерство за правда не постапило премногу благо во нејзиниот случај.
Во октомври 2015 година Пентагон издаде соопштение во кое се тврдеше дека Кусперт бил убиен во воздушен удар недалеку од сирискиот град Рака, главното упориште на Исламската држава во оваа земја. Но во август 2016 година, министерството за одбрана призна дека Кусперт го преживеал нападот. За натамошната судбина засега нема информации.