Доколку има нов бран на врнежи од снег во земјава во текот на утрешниот ден и во понеделник, како што е најавено, кординативното тело на Министерството за транспорт и врски во случај да паѓа многу снег ќе воведе забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на некои патни правци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно, потсетува АМСМ.
Истовремено, ги советува сите граѓани задолжително да носат зимска опрема во возилата и доколку им се потребни информации за состојбата на регионалните и магистралните патни правци, може да се јават на бројот 155 55, или преку паметни телефони со апликацијата на АМСМ или на веб-местото на Сојузот.
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија вечерва се одвива по суви коловози на пониските места, а на повисоките места наместа со остатоци од снег. АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и усеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Се препорачува повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.
Поради изведување работи на пат на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец А1 Гевгелија-Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.
Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово, како и понатаму кон селото Сарамзалино се до клучката Кадрифаково. Учесниците во сообраќајот треба да се придржувааат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.
На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.
На 19 декември лани стартуваше времениот сообраќаен режим со забрана за движење на товарни моторни возила чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува до 31 март секој ден во периодот од 8 до 20 часот.
Возачите треба да носат зимска опрема за возилата без разлика на условите на патот, оти тоа го налага законот. Овој режим истекува на 15 март.