Комисијата за спречување на корупција на денешната седница објави дека ќе врши проверка на имотот на претседателот Ѓорге Иванов, кому функцијата шеф на државата му истекува на 12 мај.
Познато е дека Антикорупциска ќе ја почне постапката по допрен глас и да се види каква промена има во имотот на Иванов по два изминати мандати како претседател на државата.
Минатата недела од таму наведоа дека предизборните унапредувања и именувања во Армијата што пред две недели ги потпиша Иванов ќе бидат предмет на постапка на Антикорупциска комисија.
На 26 февруари, со веќе распишани претседателски избори, во Службен весник се појавија шест укази од претседателот Ѓорге Иванов за унапредувања и именувања во армискиот врв.
Указите се донесени на предлог на МО и ГШ на АРМ, согласно нивните надлежности, демантираа од неговиот кабинет, во постапка која траеше неколку месеци, а претставува редовна обврска во делокругот на непречено функционирање на државата.
– При донесувањето на шестте укази се испочитувани одредбите од Изборниот законик и одредбите од Законот за спречување на корупција. Ја охрабруваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по овие случаи со што би се отстраниле појавените шпекулации во јавноста. – стои во соопштението.