Претседателот на Левица Димитар Апасиев и генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вечерва во изјава за ТВ Клан потврдија дека има ново парламентарно мнозинство, откако претходно тоа на Фејсбук го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Апасиев и Таравари во изјава при излегување од Парламентот рекоа дека има ново парламентарно мнозинство.
– Да, има ново мнозинство. Тоа е официјално. Имаме 61, со тенденција до 64, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.
– Ново мнозинство, 61, рече Таравари исто така на новинарско прашање.
Мицкоски во објава на својот фејсбук профил напиша „имаме ново парламентарно мнозинство, споделувајќи заедничка фотографија во Собранието со лидерот на Левица Димитар Апасиев, генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа, претседателот на Алтернатива Африм Гаши и генералниот секратар на Алијанса на Албанците Арбен Таравари.
Парламентарното мнозинство брои 61 пратеник, но од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат зголемување на бројот на пратеници во мнозинството. Се очекува изјава за медиумите во текот на утрешниот ден.