Сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто за тиражниот шпански весник Eв Pais вели дека е подготвен на прекин на огнот, под услов „терористите“, како што официјален Дамаск ги нарекува сите бунтовнички групи вклучително и оние кои ги поддржуваат Западот и сунитските земји од регионот сметајќи ги за „умерени“, како и доколку земјите кои го прават тоа да престанат да ги поддржуваат, и истакнува дека не му е целта да остане на власт со години, туку земјата да се врати во нормала.
„Рековме дека сме подготвени да ги прекинеме воените операции, но тоа е поврзано со поважни фактори…, како што е спречувањето на терористите тоа да го искористат за да ги подобрат своите позиции“, вели сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Истакнува дека прекинот на огнот мора да осигури дека „другите земји, особено Турција, не испраќаат нови терористи и оружје, ниту каква и да е друга логистичка поддршка“.
Турција, другите сунитски арапски регионални сили и западните земји ги поддржуваат сунитските бунтовници кои сакаат да го соборат Асад, додека него го поддржува шиитски Иран, либанското движење Хезболах и деценискиот стратешки партнер Русија.
Сириската опозиција претходно во саботата соопшти дека се согласува на можноста да се склучи примирје на две до три седмици доколку добие гаранции дека Русија ќе прекине со бомбардирањата, и ќе бидат прекинати опсадите на градовите кои ги држат нејзините борци, и да се достави хуманитарна помош.
Асад вели дека поддршката од Русија и од Иран одиграла важна улога во подобрувањето на капацитетите на сириската армија, којашто според последните информации од саботата, со поддршката на руските воздушни напади освоиле уште 18 села кои биле под контролата на екстремната сунитска група Исламска држава во источната покраина Алепо. Со тоа сириските владини сили го зголемија надзорот на автопатот кој води кон Рака, центарот на „калифатот“ на џихадистите.. Исто така, сириската војска сега се наоѓа на само 25 километри од турската граница, што е целта на офанзивата.
„Без сомнение, поддршката од Русија и Иран беше важна за нашата армија да напредува. Тоа не значи дека ние не ќе можевме да го постигнеме тоа, тоа е хипотетичко прашање. Сакам да кажам дека никој нема точен одговор“, вели сирискиот претседател во интервјуто за El Pais.
Сепак, Асад признава дека „дефинитивно беше потребна таа помош, од едноставна причина што има 80 страни кои на различни начини ги поддржуваат терористите“. „Едните директно, со пари, логистичка поддршка, со оружје и со борци. Другите им даваат политичка поддршка на различни меѓународни состаноци“, вели сирискиот претседател.
„Сирија е мала земја, и ние можеме да се бориме, но во крајна линија тука е неоспорната поддршка за тие терористи и, очигледно, во таква ситуација ни е потребна меѓународна поддршка“, додава Асад.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад верува дека тој може да ја спаси земјата и за десет години Сирија да закрепне од петгодишните ужасни уривања. Но, одговарајќи на прашањето дали тој ќе остане на власт и по десет години владеење, Асад вели дека тоа не е неговата цел.
„Најважно е, како јас ја гледам мојата земја, бидејќи јас сум дел од мојата земја. Затоа сакам за десет години да бидам еден од оние кои ја спасија Сирија, но тоа не значи дека сакам да бидам претседател. Во Сирија сé ќе биде во ред, и ќе бидам човекот кој ја спасил својата земја. Во моментов тоа е мојата работа и тоа е моја должност“, вели Асад.
Сирискиот претседател уверува дека него „не го интересира учеството во власта“. „Доколку сирискиот народ сака да останам во власта, тогаш ќе бидам таму, доколку не сака, тогаш нема да бидам. Доколку не можам да ѝ помогнам на својата држава, тогаш јас неизоставно ќе заминам“, истакнува Асад.