Астрономи од Калифорнија тврдат дека откриле небесно тело на работ на Сончевиот систем што ги исполнува критериумите за да биде прогласена за деветта планета.
Астрономите од Калифорнискиот технолошки институт (Калтек) објаснуваат дека сè уште директно не го забележале телото, наречено „Планета 9“, но оти имаат цврсти докази дека тоа е леден џин што орбитира подалеку дури и Плутон, кој неодамна официјално беше избришан од категоријата планети. Ако бидат потврдени проценките на астрономите, новото тело веројатно ќе ги задоволи критериумите за да биде прогласено за планета, зашто е леден џин четири пати поголем и десет пати потежок од Земјата.
Проблемот за астрономите од Калтек е дека немаат поим каде да ги насочат телескопите за да го видат конечно џинот за кој тврдат дека постои.
– На Земјата има многу телескопи и имаме шанса да ја пронајдеме Планетата 9. Убеден сум дека откако го соопштивме нашето откритие, многу од нив ќе бидат пренасочени во потрагата на новата планета – вели докторот Мајк Браун од Калтек.
Пресметките укажуваат дека Планетата 9 орбитира девет пати подалеку од Сонцето во споредба со Нептун – моментално најдалечната планета во Сончевиот систем, која орбитира со просечен радиус од 4,5 милијарди километри од централната ѕвезда. За новооткриеното тело се тврди дека орбитира по исклучително еклиптична тракекторија 75 пати подалеку од Плутон и оти целосно го обиколува Сонцето за период од 10.000 до 20.000 земјени години. На светлината би ѝ била потребна една недела да стигне од ова тело до Земјата.
Тврдењата дека вакво тело постои, иако не е забележано, се аргументирани со однесувањето на другите тела од Кујперовиот појас, на работ на Сончевиот систем.
– Најдалечните тела се движат на многу чуден начин, поради што заклучивме дека единствената причина за тоа е ако постои масивна планета на работ на Сончевиот систем која ги „држи на место“ додека го обиколуваат Сонцето – вели доктор Браун.
Идејата за масивна планета на работ на Сончевиот систем постои во астрономските кругови повеќе од еден век. Но, во овој период астрономите успеале да откријат само две нови планети, од кои Плутон веќе го изгуби статусот, токму кога тимот на доктор Браун докажа дека има низа поголеми небесни тела што орбитираат близу Кујперовиот појас.