Автомобилите ќе се продаваат на лицитација со почетна цена од 10 денари за килограм. Се продаваат „мерцедеси“, „ауди“, „бмв“…
Владата одлучи да се откаже од старите неупотребливи автомобили кои биле дел од возниот парк на неколку министерства и управи. На продажба ќе бидат дадени 35 стари возила. Ќе се продаваат два „мерцедеса“, две „бмв“, пет „ауди“, неколку „шкода фелиции“, „југовци“, еден џип „лендровер“, пишува Утрински весник.
Генерално, сите возила се неупотребливи, не се во возна состојба, некои од нив дури се и хаварисани. Ги возела администрацијата од Царинската управа, од Управата за јавни приходи, а се продаваат и амортизираните возила кои бил дел од возниот парк на Министерството за здравство и на Министерството за финансии.
Од 35 автомобили што се продаваат, најстаро е едно „ауди“ 100-Д, произведено во 1986 година, за кое дури не постои податок за изминатата километража. Највозено, пак, е „ауди А6“ кое има поминато речиси 500.000 километри. Во просек возилата се стари дваесетина години.
Право да купи некое од владините амортизирани возила како старо железо има само оној кој поседува дозвола за трговија и транспорт со неопасен отпад. Потенцијалните купци треба да поседуваат и дозвола за складирање, третман и преработка на отпад според законот за управување со отпад. Лицитацијата е предвидено да се одржи за една недела.
Утрински Весник