Авионот на Туркиш ерлајнс на летот ТК 1006, што вчера требаше од Скопје да слета во Истанбул е пренасочен кон аеродромот во Измир, покажуваат податоците на специјализираниот воздухопловен портал flightradar24.com.
Од скопскиот аеродром потврдија дека редовната линија на Туркиш ерлајнс во 20.55 часот не била откажана. Сеуште нема информација дали во моментот на експлозиите што се случија на главниот меѓународен аеродром „Кемал Ататурк„ во Истанбул, имало македонски граѓани .
Најголемиот број од жртвите на синоќешниот самоубиствен бомбашки напад на истанбулскиот аеродром „Ататурк“ се државјани на Турција, но меѓу загинатите има и странци, изјави официјален турски претставник.
Тој сепак не соопшти детали за националноста на загинатите и повредените странци.
Според изјавата на министерот за правда Бекир Боздаг убиени се двајца бомбаши самоубијци. Боздаг рекол дека еден од напаѓачите прво отворил оган со калашников, а потоа се разнесол со експлозив на влезот на аеродромската зграда.
Експлодирале две бомби. Едната експлозија била на тротоарот пред терминалот, а другата на влезот каде што е сигурносната контрола на патници.
Властите изјавија дека ниедна бомба не експлодирала во самата аеродромска зграда.