Политико Европа ги доби петте прашања кои европратениците му ги испратија на кандидатот за комесар за проширување отфрлен денеска поради недоволни гаранции за независност од владата на Виктор Орбан.
Првото прашање е поврзано со азилот што му го додели Орбан на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
-Дали ќе се чувствувате врзани или под влијание во вашите обврски како еврокомесар од изјавите што ги даде вашиот премиер во врска со вашата улога на 15-ти октомври во Баку и која ќе биде вашата проценка доколку било која влада на земја членка на ЕУ му додели азил на осуден поранешен премиер од земја кандидат?
За потсетување, Виктор Орбан во Баку изјави дека откако Унгарија ќе го добие портфолиото проширување тоа ќе и биде од помош на Турција, иако комесарите имаат должност да бидат целосно независни од владата што ги номинира како и од било која политичка партија.
Второто прашање до Вархелји се однесува до неговиот став за усвојување на санкции против земји каде се прекршуваат човековите права, оваа тема моментално се дебатира во Советот и Унгарија е една од земјите кои имаат резерви по ова прашање.
Европратениците бараат од Унгарецот да одговори каков извештај за напредокот ќе поднесе за земја кандидат во случај таа да “го ограничи просторот за опозицијата, речиси целосно да ги контролира медиумите, да ги тера судиите порано да се пензионираат, да ги ограничи академските слободи и да не се бори против корупцијата и организираниот криминал”.
-Која ќе биде вашата препорака во извештајот за напредокот, прашуваат пратениците.
Пратениците бараат од Вархелји да се изјасни и во однос на јужното соседство на ЕУ и на миграцијата, во која тој би имал удел од аспект на надворешната политика. Вархелји треба да одговори каква поддршка планира да им обезбеди на земјите од јужното соседство и да каже дали гарантира дека ќе ја суспендира помошта во случај некоја од тие земји да ги прекршува човековите права, вклучително и правата на мигрантите и бегалците.
Конечно, петтото прашање се однесува на технички аспекти од претпристапните фондови за земјите од Западниот Балкан, како и барање од Вархелји да се изјасни колкава треба да биде стапката на оваа помош. Пратениците бараат од него да каже и што планира да преземе за да го намали влијанието на надворешните сили на западниот Балкан.
Верхелји има до понеделник напладне да поднесе задоволителни одговори на овие прашања за да добие зелено светло, во спротивно можно е да биде закажано ново сослушување