Државите од регионот изутринава беа оковани од снег, кој поради силниот ветер формира наноси, на приморските области паѓа дожд, а сите главни сообраќајници се проодни, иако сообраќајот се одвива успорено.
Надлежните власти им советуваат на возачите во Србија да не тргнуваат на пат без зимска опрема и ланци, бидејќи сннег има на речиси цела патна мрежа, а доколу се одлучат на патување да бидат многу внимателни.
Поради влажните коловози и појавата на ниски температури во утринските и вечерните часови можно е замрзнување на патиштата.
Во Хрватска снегот паѓа од вчера, а се очекува дека ќе паѓа и во текот на целиот денешен ден.
Државниот хидрометеоролошки завод најави дека во Хрватска денеска ќе биде претежно облачно со снег во континеталните делови.
Северниот и централниот дел на Јадранот е зафатен со силна бура, додека во јужниот дел претпладне дуваше силен југо. Температурата се движи од минус седум до минус два степени на северниот Јадран, од нула од пет на централниот и од шест до 12 во јужниот дел.
Со снег се затрупани и останатите хрватски градови, дебел слој меѓу останатите ги покри и Карловац и Осијек.
Патиштата во Хрватска се проодни, а во прекин е траектната линија Брестова-Порозина, како и катамаринската линија Мали Лошињ – Ријека, Новаља-Раб-Ријека и Убли-Вела Лука-Хвар-Сплит.
И Бања Лука од изутрината е покриена со снег, сообраќајот е отежнат, а тешко се движат и пешаците.
Снегот, кој паѓаше во текот на изминатите ноќ целосно ги прекри сите сообраќајници во градот, а надлежните екипи за зимско одржување на патиштата прават големи напори за расчистување на централните сообраќајни аорти. Тие напори се отежнати поради тоа што снегот се уште паѓа, а во Бања Лука до изутрината паднаа до 30 сантимери.
Во поголемиот дел од Република Српска од изутрината паѓа снег, а во Херцеговина дожд, така што сообраќајот се одвива успорено, а на поединечни места отежнато.
Во Сараево од изутрината паѓа снег, а сите надлежни екипи се на терен и работат на расчиствување на сообраќајниците. Според прогнозите денеска се очекуваат околу десет сантимери снег.
Снежните врнежи во Словенија се очекува да престанат денеска, а температурите ќе се движат од минус седум до минус еден степен.
Во Црна Гора и денеска ќе биде претежно облачно, повремено ќе паѓа дожд, а во северните предели се очекува снег.