Балканот зафатен од снежно невреме, Белград пред колапс, Сараево без струја


Поради снежно невреме што го зафати Белград утрово сообраќајот се одвива отежнато, а градските автобуси во некои делови од градот не сообраќаат поради појава на голомразица на улиците.

Од Градското сообраќајно претпријатие истакнуваат дека состојбата во Белград е „катастрофална“ и дека автобускиот сообраќај е прекинат во населбите Железник и Сремчица.

– Сите белградски комунални служби се во готовност поради најавените снежни врнежи, а во чистењето на снегот ќе бидат ангажирани околу илјада луѓе, изјави градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ.

Тој додаде дека за чистење на снегот се користат 72 возила.

– Сите заедно мора да дадеме свој придонес, да исчистиме пред своите влезови и згради и да направиме градот да биде поубав и пофункционален, истакна Радојичиќ.

Со снежно невреме е зафатена и Босна и Херцеговина, каде полицијата ги исклучува од сообраќај сите товарни возила кои немаат соодветна зимска опрема.

На повисоките планински предели е отежнат сообраќајот поради замрзнатите улици, а во сила е забрана за сообраќај за товарни возила со приколки и за шлепери.

На патиштата каде се одвиваат градежни работи, сообраќајот се одвива побавно, со задолжително почитување на поставената сигнализација.

Зголемена е фреквенцијата на возила на граничните премини, каде што се чека до 30 минути.

Жителите на 20-на села во општина Источно Сараево од утрово се без електрична енергија поради прекин на далновод, како последица на силниот ветер и снежните врнежи. На поширокото подрачје на областа Романија во текот на ноќта паднаа околу 13 сантиметри нов снег, што доведе до метеж во сообраќајот.

Силна бура, пак, го зафати Сплит, со ветер со брзина и до 100 километри на час, поради што е прекинат морскиот сообраќај.

Како што пренесува „Далмација данас“, утрово пожарникарите имале десетина интервенции за отстранување на паднати дрвја, а паѓале и ролетни и разни предмети од терасите.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1