Бугарските власти соопштија дека ги истражуваат мотивите за престојот во Бугарија во ноември 2018 на десничарскиот екстремист кој го изврши нападот на двете џамии во Нов Зеланд.
Осомничениот напаѓач, 28-годишниот Австралиец кој изведе напад на две џамии во местото Крајстреч, во текот на молитвата во петокот , престојувал во Бугарија од 9 до 15 ноември 2018 година, рекол бугарскиот државен обвинител Сотир Цацаров.
Отворена е истрага за да се утврди дали неговата верзија дека сакал да открие историски места и да ја проучува историјата на балканските земји е исправна, или тој имал други цел, навел обвинителот на прес конференицијата за новинарите.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов додал дека целта на истрагата е да се разјаснат мотивите на престојот на тој човек и можни контакти со други лица.
Според првите елементи на истрагата нема податоци за терористички активности или контакти и лица во Бугарија, навел обвинителот.
Истражителите веќе имаат прецизни информации за текот на неговиот престој во Бугарија – тој стигнал во Софија од Дубаи на 9 ноември, изнајмил автомобил на 10 ноември и посетил историски локации во десет бугарски места. Заминал од Бугарија.
На 15 ноември летнал за Букурешт каде изнајмил автомобил за да отиде во Унгарија, наведува обвинителот.
Тоа не било прв пат тој Австралијанец да престојува во Југоисточна Европа. Според истите извори тој кратко престојувал на Балканот од 28 до 30 декември кога со автобус патувал низ Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Бугарски претставници навеле дека за оваа истрага се во контакт со властите во САД, Нов Зеланд, Австралија, ОАЕ, Србија и Црна Гора.
Главниот осомничен за нападот во Крајстчерч каде се убиени 49 луѓе, објавил документи според кои како мотив за своето дејствување навел дека се бори против имиграцијата која ја преплавува културата на белите народи. Некои елементи се повикуваат на епизодите од историјата на Балканот и Отоманската империја.