Во Сараево се одржува конференција „Балкански џихадисти: радикализација и регрутирање борци за Сирија и за Ирак“, која ја организира Балканската истражувачка регионална мрежа (BIRN) каде се прикажани резултатите од анализата на радикализацијата и регрутирањето на џихадисти од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Косово и Србија, а податоците се алармантни.
Според изнесеното на конференцијата, а што преку твитер го пренесува BIRN BiH, најголем број борци од Балканот во Сирија и во Ирак заминале во 2012 и 2013 година.
На пат за џихад од Косово заминале 300, од Македонија 207, од БиХ 200, од Албанија 107, од Србија 50 и од Црна Гора во редовите на Исламска држава заминале 13 борци, или вкупно 877.
Сепак, податокот кој повеќе загрижува е колку од нив се вратиле во своите држави од Сирија и од Ирак. Така, во Косово се вратиле 130, во Македонија 70, во БиХ 50, во Албанија 42 и во Србија 7 или вкупно 299 борци кои се бореле за најопасната терористичка група на светот, а се вратиле на Балканот. Тие луѓе не се во затвор, но се под постојан полициски надзор во своите држави.
Новинарката на BIRN, Анита Рајс, истакна дека последните години бројот на борци кои одат во Сирија и во Ирак се намалил затоа што овие држави донесоа закони со кои заминувањето се казнува, но уредникот на BIRN, Ервин Квафмола смета дека соработката на полициите меѓу овие земји не е на задоволителноto ниво. За заминувањето на борците од Косово најзаслужни, според него, се илегалните џамии.
Во текстот за џихадизмот, Рајс наведува дека безбедносни и разузнавачки експерти нагласуваат дека значителен број млади луѓе на радикалните опции им пристапуваат преку интернет и покрај новите закони и безбедносни мерки, опсегот на екстремизмот е поголем од што се мислело.
Експертот за зајбер-тероризам, д-р Фабијан Зила, од Канадскиот институт за технологија во Тирана, вели дека младите Албанци најмногу се радикализираат преку социјалните мрежи како Фејсбук.
Д-р Мимоза Кшаро, која повеќе од 20 години соработува со разузнавчките служби во Албанија, вели дека екстремизмот е потценет и дека Албанија е под закана од раст на онлајн поборниците за екстремизам кои би можеле д делуваат како осамени напаѓачи.
Говорниците на конференцијата сметаат дека треба да се вратиме на основите, да се работи меѓу луѓето и нивните заедници, а тоа веќе не се прави.