Доколку вработените во јавната адинистрација се сведат на минималец, ќе се заштедат околу 35 милиони евра за два месеци, покажуваат пресметките на универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети. Како што изјави тој во Топ Тема на Телма, владата не треба да презема таков чекор, бидејќи, според него, јавниот сектор е една од најпогодените групи на граѓани во оваа криза.
-Треба да знаеме дека оваа значителна група на граѓани се изложени кај банките со различни долгови. Само кај банките се некаде 140.000 станови под хипотека. Ако сметаме 2-3 члена по семејство, ќе испадне дека пола милион популација има обврски. Па, еве ќе речеме дека банките ќе ги пролонгираат обврските, меѓутоа тоа не им помага – вели Беџети.
Тој смета дека со ваква мерка на кратење треба да бидат опфатени избраните и именуваните функционери чија плата е над износот од просечната плата во државата, која сега изнесува околу 27.500 денари.