Од вчера времено се отстранети од работа двајцата анестезиолози од КАРИЛ кои биле на породувањето во Санте Плус кога почина родилката од Кичево како последица од анестезијата. Сител дознава дека на едниот од нив му се заканува и отказно решение бидејќи незаконски присуствувал во приватната болница.
Кои мерки ќе бидат преземени, надлежните во ТОАРИУЦ чекаат да заврши со работа на стручната комисија.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера ја затвори болницата додека не ги отстрани недостатоците кои биле затекнати за време на вонредниот надзор. Од Санте Плус писмено реагираа дека тоа било тенденциозно бидејќи пропустите се административни и ги санирале. Но така не мислат и од ДСЗИ.
Реакциите со кои се коментираат соопштенијата и постапувањето на ДСЗИ и претставувањето дека некој е оштетен и жртва, ги сметаме за вршење директен притисок врз работата на Инспекторатот.
Со оглед дека се уште не е за завршен инспекцискиот надзор како и стручниот надзор, би замолиле за воздржување од произволни коментари и притоа напоменуваме дека ништо нема да влијае на утврдувањето на фактичката состојба, а кое е во интерес на сите граѓани, стои во реакцијата на ДСЗИ.
Од инспекторатот најавија дека повеќе нема да коментираат се додека стручната комисија не заврши со надзорот.
-Стручната комисија формирана од Министерството за здравство се уште го испитува случајот со смртта на родилката од Кичево која почина пред една недела. Покрај обемната медицинска документација со која располагаат како и надзорот што го направиле во Санте Плус, неопходно е да ги имаат изјавите на сите инволвирани во процесот на породувањето како и транспортот до скопските клиники. Дури тогаш ќе излезат со официјален извештај.
Стручните лица треба да разјаснат дали правилно се постапувало во случајот. Во меѓувреме од Детска клиника информираат дека новороденчето е во значително подобрена здравствена состојба и се уште е на одделот за Интензивна нега.